Во машка конкуренција играат Гамбит Асеко СЕЕ и Прилеп, а во женска конкуренција Центар Асеко СЕЕ, Куманово и Гостивар. На годинашниот Европски клупски куп (ЕКК) настапуваат, меѓу другите, и некогашните светски прваци Ананд, Карлсен, Музичук, Ушенина, Стефанова…

ШАХ

Со партиите од првото коло, вчера попладне во Драч (Албанија), почна 38. Европски клупски куп (ЕКК) во шах во машка и 27. во женска конкуренција во седум натпреварувачки кола, со рекордни 110 клуба од 34 шаховски федерации. Македонија ќе ја претставуваат пет екипи.
Во машка конкуренција играат Гамбит Асеко СЕЕ (2.376 рејтинг-поени, рангиран 27. пред почетокот на ЕКК) и Прилеп (2.040, рангиран 75.), а во женска конкуренција Центар Асеко СЕЕ (2.326, рангиран седми), Куманово (2.096, рангиран 17-ти) и Гостивар (2.084, рангиран 19-ти).
Кај шахистите (се игра на шест табли) ќе настапат 84 клуба со 603 шахисти, од нив 129 велемајстори (ВМ), од 54 држави, а просечен рејтинг на турнирот е 2.223 поени. Прворангирана екипа е Суперчес (2.711), за кого игра поранешниот светски првак, Индиецот Вишванатан Ананд (2.754), а прворангиран шахист, пак, е, исто така, некогашниот светски првак ВМ Магнус Карлсен (2.839), кој настапува за норвешки Оферспил.
Во женска конкуренција (се игра четири табли) учествуваат 26 клуба со 121 шахистка (12 ВМ, 9 ЖВМ) од 33 држави, со играчки просек од 2.145 рејтинг-поени. Прворангиран клуб е Монте Карло (2.496), а шахистка ВМ од Украина, Марија Музичук (2.519), која игра за Монте Карло. Од светските првенки покрај Музичук, играат уште Украинката Ана Ушенина и Бугарката Антоанета Стефанова. Македонскиот шампион во машка конкуренција Алкалоид, кој беше европски првак во 2016 година во Нови САД, не учествува на ЕКК, како и женскиот првак Алкалоид.
Во 2015 година на ЕКК во Скопје, женската екипа на Гамбит Асеко СЕЕ го освои сребрениот медал, што е најголем клупски успех во историјата на македонскиот женски шах. Титулите од лани ги бранат шахистите на чешки Нови Бор и шахистките на австриски Памхаген. Г.И.


ГАМБИТ АСЕКО СЕЕ

ВМ Митал Адитја 2.572, Индија
ВМ Петар Арнаудов 2.433, Бугарија
ИМ Никола Николовски 2.377
ФМ Андреј Велјаноски 2.270
Антон Златков 2.207
ИМ Марјан Митков 2.338
ФМ Љубиша Андоновски 2.268

ПРИЛЕП
ИМ Тони Кироски 2.218
Кире Николоски 2.176
Горан Готовуша 2.172
Дејан Ѓорѓиески 2.110
Марјан Дамчески 2.069
Алекс Насков 1.489

ЦЕНТАР АСЕКО СЕЕ
ИМ Ставрула Цолакиду 2.375, Грција
ИМ Маи Нарва 2.391, Естонија
ЖВМ Викторија Радева 2.289, Бугарија
ЖВМ Марина Гајчин 2.237, Србија
Ивана Манова 1.930

КУМАНОВО
ФМ Надја Тончева 2.253, Бугарија
ЖВМ Јована Ериќ 2.146, Србија
ЖИМ Сандра Ѓукиќ 2.144, Србија
Сања Трајковска 1.886

ГОСТИВАР
ЖИМ Ана Берке 2.147, Хрватска
ЖФМ Моника Шпалир 2.120, Словенија
ЖФМ Петра Кејзар 1.986, Словенија
ЖИМ Љиља Дрљевиќ 1.097, Србија
Моника Жежовска 1.816