Фото: ЕПА

Шансите за обезбедување директен пласман на ЛОИ се големи и верувам дека ќе успеам да ја исполнам потребната олимписка норма и со тоа двапати во низа да бидам дел од ЛОИ, вели Георгиевски, освојувач на сребрен медал на ЛОИ во Токио, одржани во 2021 година

ТАЕКВОНДО – ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ

Најдобриот македонски таеквондист и носител на сребрен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година, Дејан Георгиевски (24), со последните настапи на прeстижните Г1-турнири и успесите што ги постигна покажа дека е во добра форма. На последниот Г1-турнир, во Загреб (Хрватска), тој освои златен медал, како и на претходниот турнир во Тирана (Албанија), а на турнирот во Белград (Србија) од истата серија го освои сребрениот медал. На првиот Г1-турнир „Скопје опен 2023“ во април, Георгиевски го освои второто место, годинава на третите Европски игри, во јуни, во Краков (Полска) освои сребро…
– Секако дека сум задоволен од изминатите настапи на престижните Г1-турнири. За нецел месец успеав да донесам два златни и еден сребрен медал, што за мене претставува голем успех. До крајот на годината ни остануваат уште неколку Г1-натпревари, a на крајот ќе следува и финалниот гранпри-турнир. Натпреварувачката форма ми е на добро ниво, но, секако, со мојот тренерски тандем Борче и Дарко Костовски продолжуваме да ја темпираме, односно да биде на што повисоко ниво за следните турнири, а главна цел ќе ни биде токму финалниот гранпри-турнир во Манчестер – вели Георгиевски, спортистот на Македонија за 2021 година.
Георгиевски е во трка за втор настап на ЛОИ, овој пат во Париз (Франција), во 2024 година.
– Шансите за обезбедување директен пласман на ЛОИ се големи и верувам дека ќе успеам да ја исполнам потребната олимписка норма и со тоа двапати во низа да бидам дел од ЛОИ. Доколку, пак, не успеам до крајот на годинава да влезам со потребните поени во олимписката листа, тогаш ќе настапам на квалификациите, кои ќе се одржат следната година, во февруари, во Германија. Мотивацијата е секогаш присутна на татамите, а таа се Македонија и македонскиот народ. Јас и мојот тренерски тим ќе дадеме сѐ од себе повторно да ја израдуваме целата македонска нација, како што го направивме тоа кога се вративме од ЛОИ во Токио, но сега тоа да биде со златен медал – вели членот на ТК Бутел од Скопје.
Ако погледнеме во спортскиот ретровизор на Георгиевски, ќе видиме богата колекција медали. Покрај олимпискиот медал, тој е освојувач на бронза од Европското првенство (ЕП) до 21 година и на злато од сениорското ЕП во 2017 година, со само 18 години, потоа бронза од ЕП (до 21 година) во 2018-та, сребро од Медитеранските игри во 2018 година, сребро од ЕП во Сараево во 2020-та… Г.И.