Многубројни истражувања на јавното мислење во Македонија покажуваат дека за македонските граѓани, во врска со „прашањето на евроинтегративните процеси“, Бугарија е „најголемиот кочничар, опструктор, па дури и непријател“. Тоа го потврди и најновото истражување на „Еуротинк“, според кое, 79 отсто од граѓаните во земјава во Бугарија ја гледаат најголемата закана кон Македонија. Несомнено станува збор за поразителни резултати, кои покажуваат колку уценувачката политика наметната од страна на официјална Софија може да ги залади односите меѓу два блиски народа, први соседи, кои наместо уште потесно да соработуваат и да си помагаат, сè повеќе се оддалечуваат и стануваат непријателски настроени едни кон други

Негаторскиот однос од страна на Бугарија кон македонскиот народ, јазик, како и наметнувањето на бугарскиот историски наратив за македонската историја, несомнено ги доведе односите меѓу двете земји, и генерално меѓу двете општества, на најниското можно ниво во последните седум децении.
Кулминација на отвореното бугарско непријателство кон земјава беше блокадата на нејзиниот евроинтегративен пат со наметнување услови што ниту една здраворазумна држава не би ги прифатила, сето тоа проследено со континуирани провокативни изјави од страна на бугарските политичари, како и со отворањата бугарски културни клубови низ Македонија именувани според соработници на фашистичкиот режим.
Ова беа главните причини за целосно заладување на односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ, кои наместо како блиски соседи, сега неприродно се гледаат како најголеми непријатели и како закана.

Која е таа политика што расипа добри и пријателски односи меѓу двата народа

Многубројни истражувања на јавното мислење во Македонија покажуваат дека за македонските граѓани Бугарија е најголемиот опструктор за напредок на Македонија, а тоа го потврди и најновото истражување на „Еуротинк“, според кое, 79 отсто од граѓаните во земјава во Бугарија ја гледаат најголемата закана кон Македонија.
Несомнено станува збор за поразителни резултати, кои покажуваат колку уценувачката политика наметната од страна на официјална Софија може да ги залади односите меѓу два блиски народа, први соседи, кои наместо уште потесно да соработуваат и да си помагаат, сè повеќе се оддалечуваат и стануваат непријателски настроени едни кон други.
– Јас сум од таа постара генерација што памети подобри времиња во односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Бугарија и порано го имаше истиот став кон Македонците, односно мислењето дека сме еден народ, поточно Бугари, но тоа си го чуваше за себе и обичните луѓе не чувствуваа меѓусебно непријателство. Своевремено одевме на панаѓури во Благоевград, во Софија, Бугарите доаѓаа кај нас, особено на почетокот на 1990-тите кога и живееја во крајна сиромаштија и заработуваа така што продаваа разни стоки по нашите пазари. Луѓето соочени со истите маки соработуваа и се дружеа. Има многу мешани бракови и тие роднински врски не можат да се раскинат, но се создава една непријатна атмосфера и за нас кога ќе отидеме во Бугарија, но и кога Бугарите ќе дојдат во земјава. Пред сè, говорам за обичните граѓани, кои не се обременети со политика и кои не настапуваат со одредена скриена агенда – вели Јованче Николов.
Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија и добар познавач на македонско-бугарските односи Марјан Ѓорчев лоцира два момента кога почнала да се создава непријателска атмосфера меѓу двете земји, што придонесе за заладување на односите меѓу двете општества.
– Не беа лоши односите меѓу двете земји и двата народа. Кога се случи грчката блокада на јужната граница, Бугарија беше вентилот низ кој Македонија дишеше. Сè се промени по потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка, кој е несиметричен, штетен за Македонија и кој ги фаворизира исклучиво бугарските интереси. Тој договор ги наруши, според една моја синтагма, „премолчените вистини“ што ние и Бугарија ги почитувавме. Ова сè се случи уште во 2006 година, кога Европа ги изедначи фашизмот и комунизмот како еднакви екстреми со штетни дејства по европската култура и цивилизација. Од 2006 година до 2017 година односите меѓу Македонија и Бугарија беа со премолчени вистини, тие знаеја која е границата, односно не нè чепкаа за нацијата и јазикот, ние знаевме дека се чувствителни околу односите со малцинствата. Така работите функционираа и Бугарија не ни беше ниту непријател, ниту пак закана. Но по блокадата на Макрон и трите бугарски вета, македонскиот народ почна да чувствува дека опасноста доаѓа од таа страна – вели Ѓорчев.

Бугарија мора да ја националшовинистичката политика кон Македонија

Според него, ставот на анкетираните граѓани и високиот процент на оние што ја сметаат Бугарија за закана е реалност.
– Тоа е реалност. Бугарите мора да ја сменат својата политика. Реалноста е дека Бугарија не сака да отстапи ниту еден милиметар од националшовинистичките ставови – нагласува Ѓорчев.
Тој смета дека неприродно е двата народа и двете држави да имаат непријателски однос едни кон други и дека треба да се преземе нешто што ќе овозможи луѓето од двете страни на границата да соработуваат и да се чувствуваат блиски, а не да се гледаат со омраза и да се перципираат како меѓусебна закана.
– Прв чекор кон тоа е да го смениме Договорот за пријателство и соработка, поточно трите става, заедничка историја од членот 9, потоа членот 3, да нема историска комисија туку да се разговара врз основа на историски документи, и членот 11 околу мешањето во внатрешните работи. Решението на проблемот е многу едноставно, да предложиме анекс со кој ќе се исфрлат спорните точки, заедничката историја, историската комисија и асиметријата. Кога ќе го отфрлиме тоа, може да пристапиме кон градење вистински пријателски односи и соработка – потенцира Ѓорчев.
Поранешниот амбасадор смета дека со тој договор сме си ги врзале рацете и дека мора, како што вели, таа коска во грлото да ја елиминираме за да почнеме да разговараме со Бугарија на рамноправна основа.
– Историја, култура, музика, јазик не може да бидат предмет на дебата, тоа се европски вредности и да ги тргнеме настрана. Но можеме да работиме на транспортните врски, на енергетиката, на развој на граѓански организации, на медиумите… Ако изградиме таков искрен однос и кон Европа, да им кажеме што ни пречи нам, зошто не сакаме да прифатиме таква преговарачка рамка, каде нè води тоа? Клучот е и на Бугарите да им се пристапи искрено, да се каже кои се нашите црвени линии, дека ние по никоја цена нема да отстапиме од македонството оти тоа е културолошки амалгам што како цивилизациски вектор се пренесувал низ македонското население, кое се идентификува со поимот Македонија и етнонимот Македонец, не од 1944, не од 1870, низ вековите, во средниот век и во антиката тој културолошки етноним нè создал нас. Кога Бугарите ќе го прифатат нашиот став и ќе нè почитуваат, тогаш ќе може да се гради вистинско пријателство меѓу двете земји и двата народа. Во спротивно, уште повеќе ќе се оддалечиме едни од други. Проблемот не е во народот, Бугарите и Македонците се почитуваат и соработуваат, туку во бугарските политички елити, кои ги прават поделбите и омразата – заклучува Ѓорчев.