Ју Венjун

Актуелната светска првенка Ју Венjун ќе се соочи со победничката од финалниот дуел на кинеските кандидатки Леи Тинџие и Тан Жонгуи

ШАХ

Кинеските градови Шангај и Чонгкинг ќе бидат домаќини на двата главни женски шаховски настани годинава. Повеќе од три години по нејзината последна трета одбрана на титулата во Шангај и во Владивосток, актуелната светска првенка Ју Венјун (17-та по ред, а шеста од оваа држава н.з.) ќе се соочи со победничката од финалниот дуел на кинеските кандидатки Леи Тинџие (25) и светската првенка од 2017 година Тан Жонгуи (31).
Последната етапа од дуелот на женските кандидатки, подобра од шест партии, ќе се одржи во Чонгкинг (27 март-6 април). Одлуката беше очигледен избор за Кинеската шаховска асоцијација, организатор на овој меч, оти и двете шахистки се родени таму. Со речиси 32 милиони жители, Чонгкинг е важен центар на шаховската активност во земјата, во кој има повеќе шаховски клубови и академии. Покрај Тинџие и Тан Жонгуи, кои се соиграчки во шаховскиот клуб Чонгкинг, градот е дом и на други значајни шаховски личности, како што се Хуанг Чиан, Лиу Јан, Ванг Чен, кои, пак, инспирираа илјадници деца во градот да играат шах – стои во соопштението на Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Како и во 2018 година, мечот за титулата светска првенка (5-25 јули) ќе биде поделен помеѓу градовите Чонгкинг и Шангај, со што ќе се гарантира дека и бранителката на титулата Венјун (32) и нејзината предизвикувачка ќе играат половина од партиите (по шест) на домашен терен. Останува уште да се одлучи кој град ќе биде домаќин на првиот, а кој на вториот дел од мечот. Г.И.