На македонските листи водечки и понатаму се Георгиев и Секуловска
ШАХ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА ФЕВРУАРИ
Актуелниот светски првак во класичен, забрзан и во брз шах, Магнус Карлсен (2.852 рејтинг-поени) од Норвешка во машка и Јифан Хоу (2.638) од Кина во женска конкуренција и понатаму се неприкосновени на врвот на најновата февруарска рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Претендентот за титулата светски првак, Кинезот Дин Лирен, во однос на листата објавена во јануари, кога имаше 8.011 поени и беше втор, сега е трет (2.788), а од третото на второто скокна вториот претендент за светската титула, Русинот Јан Непомнијашчи (2.793). Тие во март годинава ќе играат меч за титулата светски првак во класичен шах. На четвртото место е Алиреза Фирузја (2.785) од Франција, а петти е неодамнешниот победник на турнирот во Вај ан Зе, Холанѓанецот Аниш Гири (2.780).
Велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (рејтинг 2.548 поени) и понатаму води на македонската рејтинг-листа на ФИДЕ за февруари годинава, а следуваат ВМ Никола Митков (2.487), ВМ Трајко Недев (2.465), ИМ Филип Панчевски (2.452), ВМ Александар Чоловиќ (2.440) итн. Кај Македонките нема промени на врвот, води ЖФМ Весна Секуловска (2.065), пред ЖФМ Моника Стојковска (2.042) и Бојана Бејатовиќ (2.000).
Македонија, мажи, падна за едно место и сега е 56-та (просечен рејтинг на првите 10 играчи 2.438 поени), додека Македонија, жени, е 58. (1.934), меѓу 200 држави. Во светот, кај мажите први се САД (просечен рејтинг на првите 10 играчи 2.728), пред Русија (2.702) и Индија (2.690), а кај жените води Кина (2.470), пред Индија (2.413) и Русија (2.412). Г.И.