Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во минатото коло, Македонија во маратонски меч загуби од Романија на гости со 2-3, за што освои еден бод, а вечерва игра со Албанија, со која во подготвителниот период одигра две контролни средби (победа и пораз)

ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА

По несреќниот пораз од Романија мора да се вратиме на победничкиот пат. Албанија ни е многу позната репрезентација, игравме две контролни средби со неа во Маврово, еднаш победивме, еднаш загубивме. Се надевам дека повторно ќе имаме убава атмосфера во репрезентацијата и дека ќе се радуваме на нов триумф, вели за интернет-страницата на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) техничарот на македонскиот состав, Ѓорѓи Ѓоргиев, во пресрет на третиот меч на Македонија во групата Б во ова натпреварување, со Албанија, вечерва во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ (20.15 часот).
Првото либеро во македонските редови Костадин Ричлиев го повреди рамото во првиот сет од маратонскиот меч против Романија на гости, кој црвено-жолтите по голема борба го загубија со 2-3, па селекторот Ратко Павличевиќ треба да најде решение за тоа место, иако не се исклучува можноста и Ричлиев да биде во тимот, пишува ОФМ.
Во репрезентативниот состав на Македонија (рангирана на 23-то место во Европа) преовладува оптимизам за дуелите во Европската сребрена лига во седмото учество (четири втори и по едно трето и четврто место). По овој дуел следува гостувањето во Тирана в сабота, а потоа се чини и решавачкиот дуел за првото место во групата Б со Романија (8 јуни), селекцијата што победи во оваа лига во 2019 година.
Во вториот дуел од групата Б се среќаваат репрезентациите на Романија и на БиХ. Во групата А се Унгарија и Финска (Азербејџан го откажа настапот). На фајналфор-турнирот (18-19 јуни) во Будимпешта ќе настапат Унгарија, Финска и двете првопласирани селекции од групата Б. Победникот во Сребрената лига ќе обезбеди учество во Европската златна лига во 2023 година, како и парична награда од 50.000 евра.


ГРУПА Б, 3. КОЛО

Романија – БиХ 16 ч.
Македонија – Албанија 20.15 ч.

ТАБЕЛА
Романија 2 2 0 6-3 5
Македонија 2 1 1 5-3 4
БиХ 2 1 1 3-5 2
Албанија 2 0 2 3-6 1