Фото: Игор Бансколиев

Загриженост, револт, но и повод за шегување предизвикаа најавите за очекуваното зголемување на цените на храната и енергенсите, како што се забележува во бројните коментари на социјалните мрежи.

Од денеска престануваат да важат дел од антикризните мерки што Владата ги воведе во март со цел ублажување на последиците од енергетската криза и заштита на стандардот на граѓаните. Основните прехранбени продукти повеќе нема да се продаваат со нула проценти ДДВ, а од денес се враќа и ДДВ-то за бензините на 18 проценти.

Укинувањето на антикризните мерки се очекува да предизвика пораст на цените на храната и на енергенсите. Од полноќ по нова, зголемена цена веќе се продаваат горивата. Цената на Еуросупер БС-95 и на дизелот е зголемена за девет денари за литар, а на Еуросупер БС-98 за 9,5 денари за литар. За 8,5 денари за литар поскапо е и Екстра лесното масло за домаќинство. Според новите цени, Еуросупер БС-95 се продава за 104 денари, Еуросупер БС-98 за 106,5 денари за литар, дизелот за 95 денари, а Екстра лесното масло за домаќинство за 93 денари.

По информацијата за зголемување на цените на нафтените деривати вчера во попладневните часови беа забележани редици од возила пред бензинските пумпи, при што граѓаните брзаа да наполнат гориво по стара цена. Речиси и да немаше бензиска станица без редици од автомобили. На Твитер имаше реакции и за паничните обиди за снабдување со гориво пред зголемувањето на цените.

Во изминатите три месеци, ДДВ-то за лебот, брашното тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко, оризот и јајцата беше намалено од пет на нула проценти, а на предлог на Министерството за економија беше донесена и одлука за намалување на трговските маржи. Како дел од 26-те антикризни мерки беа и намалувањето на акцизите и на ДДВ-то од 18 на 10 проценти на енергенсите.