Фото: Твитер-профил на Новак Ѓоковиќ

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ проговори за неможноста да учествува на мастерс-турнирите во Индијан Велс и Мајами, откако на освојувачот на 22 гранслем-трофеи му беше забранет влезот во САД поради немање сертификат за вакцинација против коронавирус.

– Посакувам да можам да играм во Индијан Велс и Мајами. Ги сакам овие турнири. Имав многу успех таму. Но, во исто време, ова е свесна одлука што ја донесов и знаев дека секогаш постои можност да не одам. И оваа ситуација, се надевам, ќе се промени до крајот на оваа година за следниот САД Опен. Ова е најважниот турнир за мене на американско тло – го цитира Ѓоковиќ „Си-ен-ен“.

Триесет и петгодишниот тенисер истакна дека во оваа фаза од кариерата му се најважни гранслемовите и ќе почека да види дали ќе може да замине во Њујорк.

– Навистина сакам да играм таму, сакам да бидам таму. Имав среќа три пати да го освојам САД Опен, да одиграм многу финалиња. И покрај тоа што загубив пред две години, добив многу љубов и благодарност од луѓето и сакам да се вратам и повторно да се сретнам со тие навивачи. Така што тоа е она на што се радувам и се надевам дека ќе се случи – изјави Ѓоковиќ.

САД опен ќе се одржи од 28 август до 10 септември.