Мареј 11-ти пат победува откако губи со 0-2 во сетови (четири пати на САД опен, трипати на Ролан Гарос, двапати на Вимблдон и по еднаш во Дејвис-купот и сега на Австралија опен). Досега беше израмнет со Фоњини

ТЕНИС – АВСТРАЛИЈА ОПЕН

Британецот Енди Мареј ја постигна својата втора последователна победа во пет сета во раните утрински часови на годинашниот тениски гранслем-турнир Австралија опен, овој пат поставувајќи и рекорд, откако 11-ти пат во кариерата победува откако губи со 0-2 во сетови, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница. Мареј го доби мечот со Австралиецот Танаси Кокинакис со 4-6, 6-7, 7-6, 6-3, 7-5, играјќи пет часа и 45 минути во најдолгиот меч во кариерата. Дуелот заврши во 4.05 часот, само два часа од разденувањето во Мелбурн и тоа беше меч што завршил најдоцна во кариерата на Мареј, откако неговиот претходен доцен крај на натпревар беше во Вашингтон, во 3.02 часот по полноќ, пишува АТП.
Мареј со пресврт по 0-2 победил четири пати на САД опен, трипати на Ролан Гарос, двапати на Вимблдон и по еднаш на Австралија опен и во Дејвис-купот, пишува „Скај спорт“.
– Беше неверојатно што успеав да го свртам мечот. Почнав да играм подобро како што одминуваше дуелот. Сега имам најмногу победи по 0-2, така што тоа го правев и претходно. Имам искуство во тоа. Поради борбата и љубовта кон играта и натпреварувањето и мојата почит кон овој настан и мечот, продолжив понатаму – рече Мареј за АТП.


ПОБЕДИ ПО ВОДСТВО НА ПРОТИВНИКОТ СО 2-0

Енди Мареј 11
Фабио Фоњини 10
Марин Чилиќ 8
Новак Ѓоковиќ 7
Фернандо Вердаско 7
Извор: АТП