Ланската година беше регистрирана како втората најтопла година откако се води евиденција во Европа, а го даде и најтоплото лето досега

Лани беше забележана уште една лоша климатска година за планетата Земја и уште полоша за Европа, според службата за климатски промени на Европската Унија (ЕУ). Последниот извештај на „Коперник“, кој беше неодамна објавен, прикажува страшна слика. Минатата година беше петта најтопла досега на глобално ниво и втора најтопла за Европа, каде што температурите се зголемија за повеќе од двапати од глобалниот просек во изминатите 30 години. Континентот, исто така, го доживеа своето најжешко лето досега, обележано со разорни топлотни бранови и шумски пожари, кои уништија над 800.000 хектари шума и предизвикаа скок на емисиите на јаглерод.
Продолжените суши ги погодија приносите на земјоделските култури, со мала надеж на повидок за брзо закрепнување. Невообичаено топлите зими може да бидат добри за сметките за енергија на потрошувачите, но без доволно снег за да се врати водоснабдувањето на реките оваа зима, земјоделците стравуваат дека ефектите од минатогодишната суша може да се прошират до 2023 година.
Комбинацијата на неповолни временски услови и последиците од конфликтот во Украина создаваат совршена бура за глобална криза со храна, при што милиони луѓе се соочуваат со глад. Цените на основните производи како пченицата и растителните масла, кои веќе доживеаја нестабилност во претходните години, се зголемија како последица на руската инвазија на Украина, иако раните знаци сугерираат дека кризата можеби почнува да се намалува.
Минатата година беше петта најтопла во светот досега кога се споредуваат долгорочните просеци. Планетата е опасно блиску до прекршување на целта од Парискиот договор за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степен во споредба со прединдустриската ера, при што глобалните температурни аномалии надминуваат еден степен Целзиусов осум години во низа. Цела Европа, освен Исланд, забележа натпросечни температури, а 11 земји ја доживеаја својата најтопла година досега во 2022 година.
Од друга страна, емисиите на јаглерод од шумските пожари минатата година изнесуваа околу 6,4 мегатони, што е највисоко ниво од 2007 година.