Неколку фаворити беа елиминирани по тајбрејкот во третата рунда, меѓу кои и поранешната светска шампионка Александра Костењук, која загуби од Теодора Ињац

ШАХ – СП, ТРЕТА РУНДА – ТАЈБРЕЈК

На Светското првенство (СП) во шах во машка и во женска конкуренција во Баку (Азербејџан) се случија неколку драматични елиминации во дополнителниот тајбрејк од третата рунда, откако неколку врвни шахисти/ки беа поразени од аутсајдери според рејтингот. Тоа го доживеаја Холанѓанецот Аниш Гири од Азербејџанецот Нијат Абасов, кога загуби по три одиграни тајбрејкови што траеја вкупно пет часа, потоа победникот на вакво СП од 2019, Азербејџанецот Тимур Раџабов од Шпанецот Сантос Латаса, Украинецот Василиј Иванчук (54) го надигра 30 години помладиот ривал, но со рејтинг над 2.700 поени, Веи Ји од Кина, а понатаму отидоа и Индиецот Нихал Сарин, Салем Салех од ОАЕ, Русинот Андреј Есипенко, Полјакот Радослав Војташек…
Од фаворитите, Американецот Фабиано Каруана го победи Турчинот Мустафа Јилмаз, Американецот Весли Со беше подобар од Французинот Жил Мусард, Полјакот Јан-Кшиштоф Дуда го совлада Иван Чепаринов. Русинот Јан Непомнијашчи го елиминира Азербејџанецот Рауф Мамедов, Кинезот Хао Ванг го надигра Англичанецот Дејвид Ховел, а Русинот Петар Свидлер беше подобар од Холанѓанецот Жорден ван Форест.
На женскиот турнир, најголемото изненадување го направи Србинката Теодора Ињац (2.415 рејтинг-поени), која ги доби двете партии од првиот тајбрејк, против Русинката Александра Костењук (2.532), поранешна светска првенка и победничка на вакво СП во 2021 година. Поранешната светска шампионка Тан Жонгји од Кина успеа да ја совлада Естонката Маи Нарва, како и Индијката Харика Дронавали, откако го доби последниот меч со Грузијката Лела Јавахишвили со брзо темпо (три минути, плус две секунди за секој потег).
СП се игра по нокаут-систем со класично темпо на размислување, а ако резултатот по две одиграни партии е нерешен се игра тајбрејк со забрзано темпо на игра до конечен победник. Најдобрите тројца во двете конкуренции ќе се квалификуваат за Турнирот на кандидатите на ФИДЕ 2024. Г.И.