ШАХ – СКОПЈЕ ОПЕН 2023, ОСМО КОЛО

Норвешкиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов (рејтинг 2.561, втор пред почетокот на турнирот) е на чекор пред целта на традиционалниот меѓународен турнир Скопје опен 2023 на А-турнирот (шахисти со најмалку 2.000 рејтинг-поени), на кој учествуваат 128 шахисти/ки (14 ВМ) од 20 држави. Тој сега има седум поени, зад него со половина поен помалку е ВМ од Црна Гора, Никола Ѓукиќ (2.518), а следуваат тројца шахисти со по шест поени.
Најдобропласиран Македонец е интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски (2.389) на 16-то место, со 5,5 поени, а следуваат ВМ Звонко Станојоски (2.392) на 20-то и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Андреј Велјаноски (2.300) на 35-то место, и двајцата со по пет поени.
Турнирот се смета и за прво Балканско првенство во машка и во женска конкуренција, а најблиски до триумф засега се Ѓукиќ и ЖИМ од Србија, Софија Погорелских (2.211), која има 4,5 поени.
На Б-турнирот (шахисти со рејтинг до 2.000 -поени) играат 169 шахисти/ки од 21 земјa, на едно коло пред крајот на турнирот Гинчо Гочев (1.806) од Бугарија и Ахмет Јусуфи (1.847) од Косово го стигнаа водечкиот Фахрудин Халиловиќ (рејтинг 1.997) од БиХ и тројцата сега имаат по седум поени. Од македонските претставници, најдобропласиран, петти, е Емил Крстев (1.871, 11-ти) со 6,5 поени. Г.И.