Тој го стори тоа на осум години, шест месеци и 11 дена, играјќи на турнир во класичен шах
Ашват Каушик од Сингапур (1.892 рејтинг-поени, рангиран 37.338. во светот) стана најмладиот шахист што победил велемајстор (ВМ) во класичен шах, на возраст од осум години, шест месеци и 11 дена, пишува специјализираната шаховска интернет-страница „Чес“. Еден месец претходно Леонид Ивановиќ од Србија го победи ВМ од САД Авондер Лианг и стана првиот играч на возраст под девет години што победил ВМ во меч на турнир со стандардно време на размислување.
На опен турнир во Швајцарија, викендов, Ашват Каушик го урна рекордот за речиси пет месеци. Тој победи во четвртото коло на дуелот со 37-годишниот ВМ Јацек Стопа (рејтинг 2.351) од Полска, пишува „Чес“. Ашват, кој беше рангиран 59-ти пред почетокот на турнирот меѓу 127-те учесници, го освои 12-то место. Тој претходно се прослави со тројно злато во категоријата до осум години на младинскиот шампионат на Источна Азија во 2022 година, кога имаше шест години, пишува „Чес“. Ашват Каушик сега се приклучи на престижната листа млади шаховски таленти што победиле ВМ пред да наполнат 10 години. Меѓу нив е и ВМ Нодирбек Абдусаторов, сега шаховска суперѕвезда на Узбекистан, рангиран на 15-то место во светот, кој имаше девет години и седум месеци кога го постигна тој успех. Друг играч на листата е најмладиот ВМ во светот досега, Абхиманју Мишра од Индија, кој го победи ВМ од САД, Џејмс Тарјан (2.402) во 2019 година, кога имаше девет години, 10 месеци и 28 дена, и моментно е на седмата позиција на оваа листа. Г.И.
НАЈМЛАДИ ШАХИСТИ ШТО ПОБЕДИЛЕ ВМ
ГОД. ШАХИСТ ГОД./МЕС./ДЕН.
2024 Ашват Каушик 8-6-11
2024 Леонид Ивановиќ 8-11-7
2012 Авондер Лианг 9-3-20
2011 Хетул Шах 9-6-0
2014 Нодирбек Абдусаторов 9-7-27
Извор: „Чес.ком“