Фото: ЕПА

Шпанецот првпат во кариерата го освои Ролан Гарос и стана најмлад тенисер што освои три гранслем-турнири на три различни површини

ПО ТРИУМФОТ НА РОЛАН ГАРОС

Порано го гледав овој турнир на телевизија, а сега го кревам трофејот. Освојувањето на гранслем-турнир е секогаш посебно, но на Ролан Гарос… Знаејќи ги сите шпански играчи што победиле тука, неверојатно е да го додадам моето име на таа листа. Сонував да бидам на оваа позиција уште кога почнав да играм тенис и имав пет или шест години, рече Карлос Алкараз, кому трофејот му го врачи шесткратниот шампион на Ролан Гарос, легендарниот Швеѓанец Бјорн Борг, пренесе „Би-би-си“.
За младиот Шпанец Алкараз (21), новиот шампион на Ролан Гарос, ова беше трета победа на гранслем-турнирите. По триумфите и на САД опен во 2022 година и на Вимблдон лани, сега му недостига уште победа во Мелбурн. Новак Ѓоковиќ (Србија) е рекордер со 24 гранслем-титули.
Алкараз првпат во кариерата го освои Ролан Гарос и стана најмлад тенисер во светот кому му успеало да освои три гранслем-турнири на три различни површини (земја, трева, тврда подлога). Во финалето во Париз го победи Германецот Александар Зверев (27) во пет сета (6-3, 2-6, 5-7, 6-1, 6-2) по четири часа и 19 минути игра.
– Се чувствувам како да направив сѐ што можев. Карлос одигра фантастично. Играше подобро од мене во четвртиот и во петтиот сет – рече Зверев, пренесе „Би-би-си“.
Според најновата АТП-листа објавена вчера, Ѓоковиќ веќе не е прв, неговото место го зазеде Италијанецот Јаник Синер (9.525 бода), а потоа се Алкараз (8.580), Ѓоковиќ (8.360), Зверев (6.885), Русинот Данил Медведев (6.485)… Ѓоковиќ, кој досега помина 428 недели на челната позиција, се повлече по осминафиналето на Ролан Гарос, поради повреда, и не можеше да ја одбрани титулата.
На ВТА-листа за тенисерки убедливо прва е победничката на годинашниот Ролан Гарос, Ига Швојнтек (11.695 поени) од Полска, а ја следат Коко Гоф (7.988) од САД, Арина Сабаленка (7.788) од Белорусија, Елена Рибакина (5.973) од Казахстан, Џесика Пегула (4.625) од САД… Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа напредуваше за едно место и сега е на 229-та позиција (323 бода). Во машка конкуренција Калин Ивановски е најдобропласиран Македонец, 414-ти, со 112 бода. Г.И.