Машката и женската екипа на Македонија ремизираа во меѓусебниот дуел во категоријата над 50 години, а екипата на Македонија во категоријата над 65 години загуби

ШАХ – СП ЗА ВЕТЕРАНИ ВО СТРУГА, ПЕТТО КОЛO

Екипата на Алкалоид (2.436 рејтинг-поени, рангирана четврта пред почетокот на турнирот), по првиот пораз во четвртото коло од екипата на Италија, во петтото ја забележа третата победа на Светското првенство (СП) за ветерани во категоријата над 50 години, во Струга. Минимално, со 2.5-1,5, беше совладана екипата на Полска (2.282, рангирана седма).
Победата ја апсолвира велемајсторот (ВМ) Звонко Станојоски (2.351), кој освои цел поен на третата табла против Павел Флис (1.948), а ВМ Кирил Георгиев, ВМ Трајко Недев и ВМ Роландо Кутиров ремизираа во своите партии.
Во истата категорија, екипата на Македонија слепи и слабовидни шахисти (1.818, рангирана 20-та) и женската екипа на Македонија (1.737, рангирана на 22-то место) одиграа меѓу себе нерешено, 2-2. Партиите Маре Крстевска – Жарко Селковски, Снежана Брзовска – Зоран Костадиновски, Лиле Аларова – Санде Атанасов и Хилда Црнеска – Блаже Атанасовски завршија со реми.
Во категоријата ветерани над 65, екипата на Македонија (2.003, рангирана 18-та) го претрпе третиот пораз (1-3), од екипата на Велс силурес (2.002, рангирана 17-та). ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Љубомир Илиќ и ФМ Љубомир Хаџи-Манев ремизираа, а ФМ Александар Кралевски и Илија Стошевски загубија.
Во категоријата над 50 години, на четири кола до крајот на СП 2023 води екипата на Исланд со девет бода (15,5 поени по табли), пред САД, исто така со девет (14,5), и Италија со осум (14). Алкалоид е петти, со седум бода (12,5), исто колку што има и Англија 1 на четвртата позиција. Македонија слепи и слабовидни шахисти е 20-та, со три бода (шест), а женската екипа на Македонија е на 22-то место со еден бод (4,5).
Во категоријата ветерани над 65 години, во водство е прворангираната екипа Германија Ласкер шахштифунг со 10 бода (14,5 поени по табли), а екипата на Македонија е на 16-то место со четири бода (8,5). Г.И.