Првенствата почнуваат на 26 август, а ќе се одржат во хотелот „Метропол“ во Охрид, при што партиите од редовните кола ќе почнуваат секој ден од 16 часот, освен последното коло, кое ќе биде на програмата на 1 септември од 10 часот

ШАХ

Најтрофејниот шаховски и еден од најуспешните клубови во историјата на македонскиот спорт, шаховскиот клуб Алкалоид, на претстојниот Екипен шампионат на Македонија кон крајот на овој месец ќе атакува на титулите во машка и во женска конкуренција.
Шахистите на овој клуб од 1991 година досега 24 пати биле државни шампиони во екипна конкуренција, при што во последните десет години во низа освоиле исто толку титули, што е многу редок подвиг на кој било спортски клуб!
Во екипата на Алкалоид се пријавени 11 шахисти, при што костурот е составен од најуспешните македонски велемајстори (ВМ): Трајко Недев (2.465 рејтинг-поени), ВМ Драгољуб Јаќимовиќ (2.402), ВМ Звонко Станојоски (2.351), ВМ Роландо Кутиров (2.292), како и интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски (2.452). Трендот на подмладување на екипата што започна со воведување на ИМ Тони Лазов (2.356) пред неколку години, минатата година продолжи со Филип Михов (2.286), а оваа година за екипата ќе настапи и доскорешниот член на јуниорската екипа Михаил Јорданов (2.152).
Екипата е засилена со силните странски ВМ Нодирбек Јакубоев (2.630) од Узбекистан и Велимир Ивиќ (2.570) од Србија, заедно со ВМ Александар Инѓиќ (2.601) исто така од Србија, кој веќе неколку години ги брани боите на македонскиот шампион.
Ова ќе биде 31. издание на Екипниот шампионат на Македонија, а во елитното друштво годинава, покрај екипите на Алкалоид, Прилеп, Гамбит Асеко СЕЕ, Куманово 1, Гостивар и Анпасан СЕШ, ќе играат и две нови, Пелагон од Прилеп и Шкупи од Скопје, кои минатата година се квалификуваа како најдобропласирани во натпреварите во Втората лига.
Конкуренцијата и меѓу женските екипи се засилува од година на година, па се очекуваат интересни и драматични борби над шаховската табла и меѓу нашите шаховски „кралици“.
ВМ Влатко Богдановски ќе биде тренер на женскиот тим, кој ќе игра во посебниот шампионат за припадничките на понежниот пол. За женската екипа на Алкалоид се пријавени: женскиот интернационален мајстор (ЖИМ) Габриела Коскоска (1.968), женските ФИДЕ-мајстори (ЖФМ) Весна Секуловска (2.065) и Моника Стојковска (2.019), како и младата Леа Ефтовска (1.661). Екипата ќе настапи со двете силни шахистки, велемајстори од Грузија, Бела Котенашвили (2.475) и Лела Јавакишвили (2.441).
Двата екипни шампионата ќе се играат според Бергеров систем (секој против секого), односно на секој од нив ќе настапат вкупно осум екипи и ќе се играат седум кола. Притоа, во машка конкуренција екипите настапуваат на шест табли (со исто толку резерви), додека, пак, во женска конкуренција екипите настапуваат на четири табли (со две резерви).
Првенствата почнуваат на 26 август, а ќе се одржат во хотелот „Метропол“ во Охрид, при што партиите од редовните кола почнуваат секој ден од 16 часот, освен последното коло, кое ќе биде на програмата на 1 септември од 10 часот.