Скопје требаше да биде домаќин на ова ЕП од 30 јуни, но поради пандемијата на коронавирусот тоа е одложено

БОРЕЊЕ

Европското првенство (ЕП) во борење за јуниори ќе се одржи во Скопје од 19 до 25 октомври годинава, реши Извршниот одбор (ИО) на Обединетото светско борење (УВВ). Скопје требаше да биде домаќин на ЕП за јуниори од 30 јуни, но поради пандемијата на коронавирусот, тоа беше одложено.
УВВ реши и во Белград да се одржат светските првенства (СП) за јуниори (4-10 декември) и за сениори (12-20 декември), потоа ЕП за кадети во Полска (5-11 октомври), а Мундијалот (за борачи до 23 години) во Тампере (23-29 ноември).

– Обединетото светско борење им се заблагодарува на сите организатори за нивната посветеност во одржувањето на натпреварите во овие невидени времиња. Би сакал да ѝ се заблагодарам на целата боречка заедница за нејзината поддршка и флексибилност во приспособувањето кон условите што секојдневно се менуваат. Заедно ќе постигнеме успех душекот на и надвор од него – рече претседателот на УВВ, Ненад Лаловиќ.

УВВ, исто така, нагласи дека ќе одржува дијалог и со Светската здравствена организација (СЗО) и со Медицинскиот оддел на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), за да бидат во тек со актуелната ситуација, што значи дека кој било натпревар што треба да се одржи во 2020 година мора да ги следи критериумите утврдени од ИО. Исто така, на натпреварите мора да бидат вклучени осум од десетте најдоброрангирани тимови и минимум 70 отсто од државите-учеснички (засновано на присуство на спортисти од претходната година).
Следниот состанок на ИО на Обединетото светско борење е планирано да се одржи во август.