Герент Томас, победникот на Тур де Франс во 2018 година, за три дена извози три 12-часовни тури на тренажниот велосипед во својата гаража во Кардиф и успеа да собере над 340.000 фунти (околу 390.000 евра) како помош за Националниот здравствен систем на Велика Британија. Томас дневно, за 12 часа, виртуелно минуваше повеќе од 400 километри.

– Знаев дека ќе биде тешко, но не размислував премногу за тоа. Првиот ден уживав, но вториот и третиот ден не толку многу. Дефинитивно уживав на крајот, по завршувањето – изјави Томас, кој се награди со шише сопствено брендирано пиво, по првите две возења, и со шампањ на крајот.
Илјадници возачи, од колеги професионалци до директорот на тимот Инеос, Дејв Брејлсфорд, и аматери дома, му се придружија на Томас преку онлајн-платформата „Цвифт“.

– Бев изненаден од тоа колку луѓе го поддржаа сево ова. Донациите беа големо изненадување. Мислев дека 50.000 фунти би биле пристојна сума, но да се надминат 330.000 фунти е неверојатно – изјави Томас.