Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пандемијата на ковид-19 натера милиони луѓе да живеат во услови на строга изолација. Меѓутоа, психологијата што се занимава со човековото однесување предвидува дека колку подолго ќе трае ситуацијава толку потешко ќе ѝ биде на популацијата да ги почитува наметнатите правила и одредби

ПСИХОЛОЗИТЕ УКАЖУВААТ – СЀ ПОТЕШКО ЌЕ СЕ ПРИДРЖУВАМЕ НА ПРАВИЛАТА ЗА ФИЗИЧКО ДИСТАНЦИРАЊЕ

Во текот на пандемијата, стравот претставува една од централните емоционални реакции. Во изминатиов период, повеќето луѓе ги испочитуваа уредбите за изолација. Но како што поминува времето, психолозите и социолозите предупредуваат дека решителноста може да слабее и да се „стопи“ и „сѐ да отиде низ вода“.

Светски психолози активно работат на предизвикот ковид-19

Во моментов во светот, според пишувањето на „Нешнал интерест“, група од повеќе од 40 врвни психолози се занимава со научно истражување во врска со однесувањето на луѓето за време на пандемија. Нивна основна цел е да дадат свој придонес и да помогнат во борбата против опасниот ковид-19. Тие ги акцентираат психолошките фактори што нѐ мотивираат да останеме под нашето „стаклено ѕвоно“ и велат дека се комбинација од индивидуални, групни и социјални фактори. Во образложувањето на предизвиците од коронавирусот, во основа психолозите најпрвин издвојуваат дека човековото однесување е управувано од принципот на награда! Имено, ако она што го правиме е проследено со очекувана награда, поголема е веројатноста дека и понатаму ќе продолжиме да го правиме.

Тука, пред сѐ, наградата се состои во тоа дека нема да се разболиме. Но таквото размислување не може да опстои долго, особено откога ќе заклучиме дека повеќето од нас се генерално здрави – па тогаш, во што би се состоела наградата? Отсуството на овој мотивирачки фактор би можело да биде поттикнато од субјективниот оптимизам од типот „мене тоа не може да ми се случи“ – со текот на времето заканата за здравјето се намалува и оптимизмот може да стане посилен од анксиозноста, па мерките за изолација сѐ повеќе да се игнорираат. Но извонредно е битно граѓаните да почувствуваат дека државата нема да ги остави „на цедило“ и дека таа, условно речено „ќе ги награди“ со економско-финансиски и социјални мерки за да можат нормално да продолжат со своите животи!

Во игра и други социјални фактори

Надвор од нашата индивидуална психологија, во игра влегуваат и пошироки социјални фактори. Во овие неизвесни времиња, очекуваме од другите да го насочуваат нашето однесување, исто како што ги одредуваат општите социјални норми. Честопати постои одреден степен на забуна околу тоа што е дозволено, а што не е. Ги гледаме другите, се забавуваат на излети во парк, шетаат по излетничките места, планини, езера, дури и играат народни ора и се веселат на јавни места… и сето тоа би можело да нѐ доведе до заклучок од типот: „Ако тие можат да го прават тоа, зошто да не можам и јас?“. Во обид да се спротивстават на ваквиот ментален склоп, властите треба континуирано да се повикуваат на нашето чувство за заеднички идентитет и да нѐ потсетуваат на заедничката приоритетна цел, да се победи вирусот, заради сите нас заедно. Секако и потсетувањaта за казните за прекршителите на безбедносните мерки не треба да изостанат.

Од друга страна, психолозите потсетуваат дека прекумерното нагласување на казните води кон нов ризик – граѓаните може да се придржуваат до правилата само заради општествено одобрување, а тоа значи да се однесуваат прифатливо само во јавноста, но не и приватно. Наедно, казните можат да создадат незадоволство и лутина, терајќи ги луѓето да бараат дупки во наметнатите правила.

Однесувањето во група е силен знак на зрел колективен идентитет

Кога се работи за највисок степен на изолација и физичка дистанца, индивидуите мора да соработуваат како група. Ако сите заедно ги почитуваме ограничувањата, сѐ ќе биде во ред. Ако сите заедно сфатиме и прифатиме дека заеднички, без разлика на различностите (етнички, конфесионални, културолошки и сл.) подобро функционираме (и под закана на коронавирусот, ама и без него), тогаш сме ја научиле лекцијата од пандемијата.

Сосема спротивен начин на однесување беше евидентен во раните фази на пандемијата на коронавирусот, кога паниката предизвика импулсивно купување огромни количества тоалетна хартија, маски и други „основни производи“. Овде се работеше за два вида активности: граѓанско одлучување врз база на емоции и обидите на Владата да му се спротивстави на нерационалното дејствување преку информации засновани на факти.

Докажано е дека во времиња на големи кризи, групите може да му дадат приоритет само на сопствениот локален интерес, како што е зачувувањето на безбедноста на семејството, соседството и пошироката заедница. Но по малку време и колективна консолидација, се забележува дека просперитетот е во заедништвото и граѓанската синергија. На тој начин ќе им се даде приоритет на интересите на целокупната популација во однос на малцинските тесни интереси.

Културолошки фактори

Културолошката и политичка психологија исто така значајно влијаат врз нашето однесување за време на изолацијата. Генерално земено, различните култури може да бидат окарактеризирани како „ригидни“ или „лабави“. Има повеќе примери во светот. Имено, Кина, Јужна Кореја или Сингапур покажуваат тенденција да бидат позатворени и ограничени со правила, но исто така може да се пофалат со поголема организираност и саморегулација. За разлика од нив, државите како САД или Велика Британија ставаат поголем акцент на индивидуалните права и слободи, па соодветно на ова, тие побавно реагираат кога постои потреба од самоконтрола, наспроти барањата на властите за брз одговор.

Но во основа, психолозите тврдат дека предизвикот се состои во тоа како ќе реагираме на сѐ поголемата ригидност во однос на строгите правила и норми на однесување, особено откога ќе настапат здодевноста и вознемиреноста. На микрониво, тоа е забележливо и во нашата држава, каде што припадниците на одредени етнички или конфесионални групи, различно се адаптираат на државните мерки, и помалку или повеќе ги почитуваат, што навистина се одрази и во ширењето на коронавирусот.

Зголемување на политичката поларизација?!

Политичката поларизација, која во последниве години драстично се зголеми, би можела да биде дополнително поттикната од физичката оддалеченост меѓу луѓето, предупредуваат психолозите. Оттука, се појавува една сосема нова реална опасност: додека седиме скриени под нашите физички и виртуелни стаклени ѕвона, лесно може да заглавиме во некаков вид „ехо-комори“, во кои ќе слушаме само гласови и мислења што личат на нашите сопствени. Ако ваквата комора се исполни со револт поради постојаните ограничувања на слободата на движење и општење, постои опасност таа да ја намали или уништи нашата мотивираност за останување дома.

Сепак, поларизацијата може да се надмине со тоа што ќе им помогнеме на луѓето да се идентификуваат со некој повисок идеал или цел – стратегија што често се применува за мотивација на луѓето во воени времиња. На крајот на краиштата, сите ние постепено ќе излегуваме од оваа тешка изолација, влегувајќи можеби во еден нов, похрабар свет. Засега е тешко да дознаеме што може да нѐ очекува, бидејќи сигналите за тревога се многу променливи. Од таа причина, ќе имаме потреба од јасни упатства и насоки во секоја поединечна фаза од развојот на настаните, а истовремено ќе ни треба и помош за да се приспособиме кон она што значи ново „нормално“ живеење, заклучуваат истражувачите во „Нешнал интерест“.