ФУДБАЛ – ВО АНГЛИЈА

Светски рекорд – шутирани 54 пенали

Два регионални тима, од 10-та по квалитет лига, од североисточниот дел на Англија, Вашингтон – Бедлингтон си обезбедија место во фудбалската историја. Тие на мечот од првата рунда во рамките на меморијалниот куп „Ернест Армстронг“ во Сандерленд, извеле повеќе пенали, 54, што е нов светски рекорд, отколку што имало гледачи, 40. По 90 минути игра немало победник, 3-3, а потоа по неверојатната серија од 54 пенали, Вашингтон победил со 25-24. Гинисовиот рекорд за најмногу пенали досега беше 48, во Купот на Намибија во 2005 година, помеѓу КК Палас и Сивикс, 17-16. Досегашниот рекорд на Англија изнесуваше 44 пенали, шутирани лани во октомври, на мечот на кој Олд Вулфранијанс, од Вулверхемптон, го победи Лејн Хед од Блоксвич со 19-18, по половина час долгото изведување на пеналите. Л.Д.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СЛАЛОМ
Во финалето на сезоната ќе се решава за малиот кристален глобус

Трката за малиот кристален глобус (титулата) во Светскиот куп (СК) во слалом за мажи сезонава во алпското скијање ќе биде неизвесна. Откако победи на слаломите во Гармиш-Партенкирхен, Хенрик Кристоферсен го презеде водството во СК во слалом, но во Флахау го освои 16-то место. Атле Ли Мекграт се покажа исклучително добар на ноќните трки сезонава, во Шладминг (Австрија) првпат се искачи на подиум во СК во слалом, а сега победи пред олимпискиот шампион во слалом, Клемент Ноел (Франција). Така, првпат од сезоната 1969/1970, четворица Норвежани победиле на машка трка во слалом во СК во една сезона. Освојувачот на кристалниот глобус ќе се решава во финалето на сезоната во Куршевел, а во трка се Кристоферсен (371 бод) и Лукас Браатен (323) од Норвешка, Линус Штрасер (307) од Германија, Мануел Фелер (301) од Австрија и Даниел Јуле (283) од Швајцарија.


КОШАРКА – НБА
Феникс прв се пласира во плејофот

Екипата на Феникс по победата со 111-90 на мечот со Мајами стана првата што сезонава обезбеди пласман во плејофот на кошаркарската НБА-лига. Феникс, член на Западната конференција, има најдобар резултат во НБА, со 53 победи и 13 порази, го подобри својот најдобар резултат во лигата и сезонава ги совлада сите други 29 клуба, што е прв таков успех на овој тим по сезоната 2006/2007. Мајами остана на првото место во Источната конференција со 44 победи и 23 порази. Лос Анџелес лејкерс (28 победи, 37 порази), со поразот од Хјустон со 130-138 по продолжението, ги загуби шансите за директен пласман во плејофот. ЛА лејкерс моментно е на деветтото место во Западната конференција. Г.И.