ВАТЕРПОЛО – ИЗБРАНИ НАЈДОБРИТЕ ЗА ГОДИНАВА

Савиќ е најдобар тренер,
Филиповиќ третпат е најдобар играч

Селекторот на ватерполо-репрезентацијата на Србија, Дејан Савиќ, е прогласен за најдобар тренер на светот во 2021 година, а Филип Филиповиќ ја доби наградата за најдобар играч во изборот на Меѓународната федерација за водни спортови (ФИНА), на церемонијата во Абу Даби, благодарение на златото што го освоија на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, годинава. Тоа наедно беше и последниот капитенски настап на 34-годишниот ватерполист за Србија.
– Во Абу Даби сум пред сѐ благодарение на моите соиграчи и тренерот, кои успеаја да ги состават сите коцки и да нѐ одведат до сите успеси. Ова немаше да биде возможно без нив, како и без поддршката од моето семејство на што безрезервно сум им благодарен – изјави Филиповиќ при примањето на признанието, пренесе Ватерполо-сојузот на Србија. Филиповиќ ја доби наградата за најдобар играч на светот и во 2011 и во 2014 година. Г.И.


ФУДБАЛ

Алжир прв победник на Арапскиот куп

Алжир, шампионот на Африка од 2019 година, го победи Тунис (2-0, во продолжението) во финалето во Доха и го освои првиот Арапски куп. Во мечот за трето место, домаќинот на турнирот, Катар, беше подобар од Египет (5-4, на пенали). Светската фудбалска федерација (ФИФА) го оживеа ова натпреварување, кое последен пат се одржа во 2012 година, во проширен формат. За трофејот играа 16 репрезентации од Африка и од Азија.
На финалниот меч што се одигра на стадионот „Ал Бајт“ во Доха, на кој ќе се игра и првиот меч на Светското првенство во 2022 година, имаше 60.456 гледачи. Четврт-финалето помеѓу Катар и Обединетите Арапски Емирати на стадионот „Ал-Бајт“ го гледале 63.439 гледачи. За 32-та натпревара што се играа на шест стадиона, кои се изградија за СП 2022, биле продадени над 500.000 билети. Л.Д.


РАКОМЕТ
Најповторувано финале на СП

Ракометните репрезентации на Норвешка и на Франција синоќа играа во ново финале на големите натпреварувања, овој пат на Светското првенство (СП) за жени во Шпанија. Тоа е најповторуваното финале на мундијалите за ракометарки, бидејќи Норвешка и Франција играа за златниот медал и на светските шампионати во 1999, 2011 и во 2017 година.
Згора, натпреварот синоќа беше и реприза на финалето од пред 12 месеци, на Европското првенство во 2020 година, и своевиден меч-суперфинале, бидејќи за мундијалската титула се сретнаа актуелниот европски првак (Норвешка) и олимпискиот шампион од годинава во Токио (Франција). Во претходните четири финалиња трипати победи Норвешка (на СП 1999 и на СП 2011, како и на ЕП 2020), а еднаш Франција (на СП 2017).
Во полуфиналето на СП 2021, Франција ја победи Данска со 23-22, а Норвешка славеше на дуелот со домаќинот Шпанија, со 27-21. Норвешка играше за четвртото светско злато, а Франција за третото. Во мечот за третото место синоќа играа Данска и Шпанија.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

И третпат сезонава во спуст триумф на Гоџа пред Џонсон

Италијанката Софија Гоџа забележа нова победа во спуст, во Вал д’Изер (Франција), во Светскиот куп (СК) во алпско скијање. Тој триумф е 15-ти за Гоџа во СК, седми по ред во спуст во кој настапила, четврти сезонава и шести во најбрзата дисциплина во 2021 година. Овие бројки ја доближија до две легенди на алпското скијање, Анемари Мозер-Прел (осум победи во 1973 година и седум во 1978 година) и Пикабо Стрит (шест во 1995 година). Бризи Џонсон (САД) беше единствената што успеа да се доближи до лидерот во поредокот за спуст сезонава (со 27 стотинки побавно време од Гоџа). Џонсон го освои второто место зад Италијанката и на двата спуста во Лејк Луис. Мирјам Пухнер (Австрија) го комплетира идентичниот поредок на првите три скијачки како на првата трка во Лејк Луис. Со победата, олимписката шампионка во спуст изби на првото место и во генерален пласман во СК, со 10 бода повеќе од Американката Микаела Шифрин на второто место по 11 трки сезонава. Вчера на програмата беше трка во супервелеслалом, исто така, во Вал д’Изер.