Директно на Мундијалот се пласираа Шпанија, Холандија, Норвешка, Франција, Данска и Хрватска, а во квалификациите победија и Германија, Романија, Словенија, Србија, Русија, Чешка, Унгарија, Црна Гора и Шведска

РАКОМЕТ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) прва ги реализира квалификациите за пласман на 25. Светско првенство (СП) за жени, што во декември треба да се игра во Шпанија. Дури 16 европски селекции ќе бидат дел од првото СП на кое ќе играат 32 репрезентации.
Во бараж-мечевите македонската женска ракометна репрезентација остана без мундијалски пласман откако во двата меча беше поразена од Романија (33-22 и 35-20). Австрија е единствената репрезентација што се пласира на СП, а беше во вториот барабан пред ждрепката на двојките за баражот. Во двомечот за пласман на СП, Австријките ја победија Полска со вкупен резултат 58-55 (29-26, 29-29).

Квалификациите успешно ги поминаа и селекциите на Германија, Словенија, Србија, Русија, Чешка, Унгарија, Црна Гора и Шведска, меѓу кои за одбележување е пласманот на СП на Шведска, која беше принудена реваншот со Украина да го одигра со комплетно нов состав, со 14 нови ракометарки во однос на првиот меч, од кои седум дебитантки, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата интернет-страница. Пред реваншот, дома, во тимот на Шведска биле регистрирани случаи на коронавирус, па целиот тим и стручниот штаб заминале во карантин. Шведска го загуби реваншот со 26-22, но благодарение на победа во првиот меч со 28-14 обезбеди место на СП 2021.

На Мундијалот директен пласман обезбедија домашната селекција на Шпанија, потоа светскиот првак од 2019 година, репрезентацијата на Холандија и четирите најдобропласирани на Европското првенство во 2020 година, Норвешка, Франција, Данска и Хрватска. Од преостанатите 16 места на СП 2021, четири ќе им припаднат на најдобрите селекции на првенството на Африка, шест од шампионатот на Азија, три од првенството на Јужна и Централна Америка, едно место ќе добие првакот на Северна Америка, а Светската ракометна федерација (ИХФ) може да им додели покани на две селекции.