Речиси по петмесечна пауза, со добивањето одобрение за продолжување на активностите од страна на Комисијата за заразни болести, пинг-понгот се враќа во македонските спортски сали. Клубовите добија дозвола да го започнат процесот на тренинзи, а федерацијата да ги организира планираните натпреварувања, при што треба строго да се почитуваат здравствените протоколи, велат од Пингпонгарската федерација на Македонија (ППФМ).

И покрај пандемијата, раководството на ППФМ изминатиов период имаше засилена комуникација со Одделот за развој на Меѓународната пингпонгарска федерација (ИТТФ). Плод на тоа се повеќе проекти, кои ќе се реализираат во Македонија.
Така, за семинарот на обука на тренери, екипите покажаа голем интерес, а за што поуспешна реализација, ИТТФ испраќа свој претставник, Французинот Николас Гуигон, кој ќе ги реализира предавањата. Пингпонгарскиот камп за млади играчи, пак, ќе се одржи во хотелот „Гогов“ во Пехчево, а националниот селектор ги покани најдоброрангираните играчи од младинските категории.

По завршувањето на кампот, на 13 септември започнуваат натпреварите во републичките екипни лига-првенства, како и рангираните турнири во поединечна конкуренција. Новитет во сезоната 2020/2021 е формирањето јуниорска лига – се вели меѓу другото во соопштението на ППФМ.