Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски е годинашниот победник на уличната трка „Скопје трча 10 км“ во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со атлетскиот клуб Работнички и Атлетската федерација на Македонија, а со помош на Министерството за внатрешни работи.

Патеката од 10 километри Ивановски ја истрча за 31 минута и седум секунди, што наедно е и државен рекорд во машка конкуренција на 10 км на улична трка. Втор на целта заврши Милош Ранчиќ со време од 33,44 минути, а трет Атанас Анчевски со 33,49 минути.

Кај девојките, трката прва ја заврши Теодора Симовиќ со време 34 минути и 59 секунди. Втора беше македонската атлетичарка Андријана Поп Арсова, која со време од 37 минути и две секунди го собори женскиот државен рекорд на 10 км во улична трка. На третата позиција заврши Билјана Кираџиева со време 37 минути 59 секунди.
Во штафетната трка двапати по пет километри првото место го освои „Гејм он“ со време од 36,34 минути, на втората позиција заврши „НРЦ Најк+Ран клуб“ со време 37,55 минути, а на третото место трката ја заврши „3П Девелопмент“ со 38 минути и една секунда.

На трката „Скопје трча“ на 10 км настапија и новинарите на „Нова Македонија“, Радмила Заревска (првпат), Антонија Поповска и Гоце Цветаноски (вторпат).