Партијата меѓу Кизов и Илиевски заврши реми

Македонскиот лингвист, есеист, поет, раскажувач, книжевен историчар, преведувач, академикот Блаже Kонески беше одличен шахист и прв претседател на тогашниот Шаховски сојуз на Македонија (сега федерација н.з.), кој годинава треба да прослави 73 години од своето постоење. Плакета по повод 50-годишниот јубилеј на ШФМ, на Конески постхумно му беше доделена во 1998 година

ДИМИТАР ИЛИЕВСКИ, ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ШАХОВСКИ МАЈСТОР

За македонскиот и светски истакнат писател, поет, прозаист, раскажувач, есеист, книжевен историчар, лингвист, преведувач, академикот Блаже Конески (1921-1993), кој ги удри темелите на македонистиката, треба да се истакне и фактот дека беше и голем љубител на шаховската игра.
– Додека живееше во Прилеп, Конески често играше шах со својот пријател, кој беше бербер. По неговото преселување во Скопје, во 1946 година, на шаховскиот двомеч меѓу екипите на Работнички од Скопје и Црвена звезда од Белград, кој се одигра во гостилницата „Пелистер“, Конески играше на шестата табла со талентираниот шахист, српскиот велемајстор (ВМ) Александар Матановиќ (кој набрзо потоа стана шампион на поранешна Југославија) и успеа да ремизира во завршницата. Мечот заврши 6-2 во корист на гостинската екипа. Многу сум горд што и јас со прославениот ВМ Матановиќ одиграв реми на „Турнирот на солидарноста“ во 1968 година – вели истакнатиот македонски интернационален мајстор (ИМ) Димитар Илиевски, кој годинава слави неколку значајни јубилеи, меѓу кои 60 години како еден од врвните шахисти на Македонија (1961-2021), 50 години шаховско мајсторство (1971), 50 години како е прогласен за најдобар шахист на Македонија (1971).
На основачкото собрание на тогашниот Шаховски сојуз на Македонија (ШСМ), кое се одржа во Скопје, на 19 август 1948 година, Блаже Конески со акламација беше избран за прв претседател.

– Блаже Конески многу често како хоби играше шах со пријателите, а најмногу со неодамна починатиот Трајко Стаматовски, истакнат научник и лингвист, долгогодишен директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, претседател на фондацијата „Небрегово“ и еден од научниците што имаат најмногу напишано токму за животот и делото на Конески – вели Илиевски, кој додека беше активен шахист, пленеше во своите партии со својата играчка креативност.
Хуманистот и реномирани сликар Живко Поповски-Цветин поттикна интересна иницијатива за вклучување и на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) во реализацијата на програмата „100 години од раѓањето на македонскиот великан Блаже Конески“.
– Во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на академик Конески, имајќи го предвид фактот дека тој беше прв претседател на Шаховскиот сојуз на Македонија, мојот пријател и хуманист, реномираниот сликар Живко Поповски-Цветин, препознатлив со „Цвеќето на мирот“, даде своја иницијатива за вклучување на ШФМ во реализацијата на гореспоменатата програма. За таа цел, Поповски подготви цветна шаховска табла, насловена „Мироцветна шаховска штафета“, а проследена со пораката „Со мудрост до мир“. Покрај ова, Поповски подготви и миротворна шаховска штафета и наедно наслика 100 цветни шаховски полиња – појаснува Илиевски, кој пред 60 години ја освои втората титула првак на Битола, заедно со неговиот постар брат Борче, кој, пак, успеа да ремизира со бившиот светски првак Роберт Фишер на првиот турнир „Средба на солидарноста“ во 1967 година, што претставува извонредно шаховско остварување.

Според замислата на Поповски, шахистот Илиевски како жива легенда на македонскиот шах и носител на мироцветната шаховска штафета треба да одигра 100 шаховски партии и да им подели 100 цветни шаховски полиња на шахистите што ќе играат со него и на тој начин активно да се вклучи во одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Конески.
– Лично ја почнав операционализацијата на оваа одлична идеја на Поповски и веќе одиграв неколку партии со шахисти и јавни личности, како што се: Живко Поповски-Цветин, Емилија Огненовиќ, со фиде-мајсторите (ФМ) Оливер Органџиев и Љубомир Хаџи-Манев, кандидат мајсторот Владимир Кизов потоа со новинарот и книжевен преведувач Ненад Баткоски, со младиот шахист Дино и неговиот татко, новинарот Александар Табаковски. Наедно договорив и шаховски симултанки со шахисти од општината Илинден и од Здружението на пензионери на Општина Карпош. Пред 40 години (1981) ја одиграв и рекордната симултанка во Македонија на 58 табли – нагласува шаховскиот фајтер Илиевски, кој во кариерата успеа да победи и да ремизира со многу светски признати шахисти.
Илиевски има во план да ја посети и родната куќа на Конески во Небрегово.
– Заедно со Поповски планираме на 24 мај годинава да одиме во селото Небрегово и да ја посетиме родната куќа-музеј на Конески, а по повод значајниот јубилеј на Поповски – 35 години од добиената писмена посвета со песната „Ружа“ со личен ракопис од Конески (24 мај 1986), препишана од неговата поетска збирка „Везилка“ – нагласува Илиевски, чија покојна сопруга Велика исто така беше една од посилните шахистки во Македонија.

[email protected]