Твинго купот по успешната прва сезона, годинава повторно ќе биде во центарот на
вниманието на љубителите на високите октани во Македонија. Новата натпреварувачка сезона стартува овој викенд (22 и 23 февруари) на патеката
„Гробник“ во Хрватска.

Осум македонски натпреварувачи, ќе ги тестираат своите квалитети на интернационално ниво: Мартин Делев, Давид Малинковски, Ангелче Стојковски, Емил Нацка, Слободан Трајковски, Иван Стефановски, Владимир Треневски и Мартин Костовски.

На стартот на „Гробник“ ќе се појават дури 30 автомобили „твинго“, бидејќи покрај нашите натпреварувачи учество ќе земат и натпреварувачи од „Естет Твинго Куп“ и „Италијан Ентри Куп“.

Според првичната програма, в сабота (22 февруари) ќе се одржат слободни тренинзи,
квалификации и две спринт трки, додека в недела (23 февруари), исто така ќе има
тренинзи, квалификации и четири часовна трка во издржливост.

Во натпреварувачкиот куп моделите „рено твинго“ се унифицирани и специјално
модифицирани од страна на Лема рејсинг тим со цел да ги има сите безбедносни и
брзински карактеристики.

За овој куп планирани се осум трки (четири кружни и четири ридскобрдски) согласно официјалниот распоред на Автомобилистичката федерација.

На крајот од секоја сезона првите три места се одвоени парични награди додека пак на крајот од третата сезона како главна награда на купот е стоотстотно електричното возило „рено твизи“.

Официјалните спонзори на купот се: Аутомотив Груп – официјален увезувач на
брендот „Рено“ во С. Македонија, ПСС (Пауер Спорт Систем) Триглав Осигурување,
Шпаркасе Лизинг и компанијата „Мотул“.