Од ракометното минато (34)
- Дваесет и шести јули 1963 година е најцрниот датум во повоената историја на Скопје. Катастрофалниот земјотрес значеше нов почеток во речиси сите сегменти во животот, па и во спортот. Меѓународната солидарност ја ублажи големата болка
Катастрофалниот земјотрес во 5.17 часот на 26 јули 1963 година, сигурно е најцрниот и најтажен ден во историјата на Скопје. Тој го смени животот во градот, а однесе и повеќе од 1.000 жртви, кои беа заробени во урнатините на зградите. Од овој ден како сѐ да се смени, тажните лица на скопјаните најубаво зборуваа за големата болка. Во првите мигови дури сите беа збунети и во паника, едноставно не знаеја што навистина се случи. Во бунило ги напуштаа своите домови, се собираа на улица и вчудовидено се гледаа меѓу себе, не можејќи да сфатат дека оваа страшна природна катастрофа ги погоди и нив. Но таква беше вистината. Требаше да се помириме со судбината и во најтешките мигови да погледнеме кон иднината. Колку беше страшно сето она што се случи најубаво го потврдува и фактот што веќе следниот ден по земјотресот претседателот на поранешна Југославија, Тито, во друштво на првиот човек на поранешниот СССР, Хрушчов, го посети градот и даде ветување дека тој повторно како феникс ќе се издигне од урнатините. Така и беше. Подоцна од сите страни на светот стигнуваше најразлична помош – од облека, храна и, што е најбитно, почнаа да пристигнуваат монтажните куќи од повеќе земји, со кои беа подигнати нови градски населби. Болката од нанесената рана беше голема, новите домови ја решија состојбата со сместувањето, но остана тагата за загубените животи на нашите сограѓани.
Ова не го пишувам случајно, оти сите знаат за големата трагедија што го снајде нашиот главен град. Ова го пишувам од причина што токму на тој ден, во тоа јулско утро, судбината како да им се насмеа на ракометарите на Работнички. Некој ќе праша зошто, а јас веднаш ќе објаснам.
КАТАСТРОФАТА ГИ УРНА И СОНИШТАТА
Тој фатален ден ја прекина и радоста на ракометарите на Работнички, кои триесетина дена пред катастрофата успешно минаа низ квалификациите и пак се вратија во Првата сојузна лига. Сѐ уште низ градот и во републиката се зборуваше за овој спортски успех, но земјотресот како да ја пресече таа радост. И не само тоа туку само среќата или судбината, како сакате, ги спаси ракометарите на Работнички! Тие требаше со шинобус да заминат за Битола, а оттаму со автобус за Охрид, каде што беа планирани 10-дневни подготовки. Тренерот Матовски сметаше дека по напорните квалификации, кои физички и психички ги исцрпија ракометарите, подготовките добро ќе им дојдат и како освежување, но и за одржување на формата.
Ден пред тоа, по состанокот со играчите, по попладневниот тренинг, стручниот штаб ги презентираше програмата и целта на овие подготовки, кои требаше да завршат две недели пред одигрување на првиот натпревар од новото првенство. Играчите беа задоволни што управата на клубот собра сили и обезбеди средства за престојот во Охрид. Кај играчите очигледно беше задоволството, зашто овој потег на раководството некако им звучеше како награда за успехот во квалификациите.
На состанокот, откако ракометарите слушнаа како и колку ќе се работи во Охрид, добија информација оти другиот ден наутро (тоа беше петок, кобниот 26 јули), во 5.30 часот, сите ќе треба да се соберат пред скопската Железничка станица. И можете да замислите колку само мигови ги делеа нив од катастрофата, која однесе половина зграда од станицата. Среќна околност беше што шинобусот тргнуваше за Битола околу шест часот, па играчите на Работнички, оние што веќе беа пристигнати, не мораа порано да влезат во станицата и да се упатат кон колосекот на кој веројатно веќе бил поставен шинобусот. Како што ми кажуваше еден од најдобрите играчи на скопскиот тим Теофол Томановиќ, во емисијата посветена на македонските спортски легенди на Наша ТВ, тој стигнал меѓу првите, нешто околу пет часот и 15 минути. Тука имало уште неколку играчи, кои весели и расположени ги очекувале своите другари. И тогаш, во моментите кога со погледите биле свртени кон тогашната улица Маршал Тито да видат дали доаѓа уште некој од клупските другари, се случило нешто неверојатно. Силниот татнеж, кој траел подолго, и поигрувањето на тлото за миг ја прекинале смеата. Земјотрес! – викнал некој од играчите и сите почнале да бегаат што подалеку од зградата на станицата, која пред нивните очи почнала да се урива.
– Кога дојдовме на спротивната страна од улицата, сите бевме збунети и потресени. Меѓутоа, откако речиси половина станица ја снема, нѐ фати страв и си помисливме да не имало некој од играчите да стигнал порано и да влегол во станицата чекајќи другите да пристигнат, а и времето да му помине. За среќа, немаше никој од нашите. Потоа, знаете што се случи, градот беше во плач, а ние се упативме кон своите домови да видиме каква е ситуацијата таму. Се враќав со трчање, плашејќи се да не се урнала и куќата во која живеевме. За среќа, освен мали оштетувања немаше ништо друго. Семејството беше уплашено, како што бев и јас кога трчајќи доаѓав дома. Тоа беа навистина тешки моменти, градот и луѓето во цела Македонија и поранешна Југославија беа потиштени. Земјотресот остави голема трага во нашите животи – ми зборуваше Тофо во емисијата, објаснувајќи ги во детали овие тешки моменти.
Потоа минаа денови и денови за да дојде до извесна консолидација на животот во градот, но тоа тешко одеше зашто последиците од земјотресот беа големи.
НЕМА ПРЕДАВАЊЕ, ИГРАМЕ ВО БИТОЛА!
Во овие тешки моменти спортистите како да почувствуваа оти тие треба да бидат оние што ќе им ја вратат вербата во животот на граѓаните. Тие не се откажуваа и во месеците потоа, иако под тешки услови, фудбалерите на Вардар и ракометарите на Работнички ги почнаа натпреварите во првите лиги.
Работнички за место на пресметките ја одбра Битола, но поради тоа што имаше малку време, бараше одложување на првата средба со Слобода од Вараждин. Во овие моменти, покрај Пелистер и Работник, кои се понудија да бидат домаќини на скопјани, стигна понуда и од Борац од Бања Лука, кој ги покани ракометарите на Работнички, не само да играат во нивниот град туку и да одат на заеднички 10-дневни подготовки на нивна сметка. Солидарноста во овие мигови многу значеше за Работнички, но и за сите граѓани на Скопје. Во градот почна да пристигнува помошта од сите страни на светот. Затоа, не случајно Скопје беше прогласен за град на меѓународната солидарност. Помошта беше драгоцена.
Натпреварувачката комисија на РСЈ ја прифати молбата на скопјани и го одложи првиот меч со Слобода. Тоа беше логично и очекувано по она што го снајде Скопје, па стартот за Работнички беше по една недела – во второто коло на Првата лига против Динамо од Панчево, кој не беше ни малку наивен клуб. Напротив во своите редови тој имаше и неколку аспиранти за сениорската репрезентација, меѓу кои се истакнуваа Плавшиќ и Вребалов. За да се види колку динамовите ракометари беа квалитетни, најубаво зборува и нивната победа во првото коло над актуелниот шампион Загреб. Знаејќи го квалитетот на ривалот, за скопскиот тим битно беше да се одигра максимално за да не биде разочарана и битолската публика, која дојде во голем број – ја имаше околу 2.000, за да го бодри македонскиот претставник во прволигашката конкуренција. Меѓутоа и покрај вложените напори и ангажирањето на секој поединец што ќе се најдеше на теренот, против квалитетниот и компактен тим на Динамо ништо не можеше да се стори, па така, Работнички првенството го почна со пораз, 9-17.
Во третото коло „железничарите“ ѝ гостуваа на Црвена звезда. За да се оттргнат од траурната атмосфера што владееше во Скопје, а по барање на тренерот на Работнички, екипата престојуваше три дена пред мечот во спортскиот центар на Кошутњак во Белград. Тоа беше добро, но објективно барем во овој момент, поради сѐ што го снајде скопскиот тим, тој беше немоќен да стори нешто повеќе, освен да доживее чесен пораз, 16-20.
Потоа, откако шаторите беа тргнати, а теренот оспособен за игра пред околу 1.000 гледачи, Работнички доживеа уште еден пораз, овој пат од Босна со 14-19, за конечно во одложениот меч од првото коло, во Скопје да ја совлада Слобода со 23-20. Оваа победа дојде како мало освежување по почетните порази, но сепак, играта не беше толку убедлива да се очекува нешто повеќе во следните средби. На овој дуел околу 1.000 гледачи дојдоа да го бодрат својот миленик и барем за миг да ја напуштат тмурната градска атмосфера. Шахов, кој го засили Работнички, беше најефикасен со шест гола, Брезовски, кој во годината што помина беше прогласен за најдобар ракометар во Македонија, постигна пет. И овој пат, иако не беше меѓу најефикасните, Томановиќ ги разонодуваше гледачите со познатиот сув лист – уфрлање на топката во шеснаесетникот, што беше негов изум, исто како што беше и вртената, кога топката со ефе од крилната позиција ја упатуваше кон голот.
Работнички полека ја надминуваше кризата, но кај играчите сѐ уште го немаше оној познат оптимизам. Земјотресот како да ги урна и нивните убави соништа, па беше неизвесно како ќе одиграат и како ќе се однесуваат до крајот на првенството.
































