На СП во Хрватска се играше секој ден, а сега гледаме има по еден ден пауза по секој натпревар. Со по еден ден одмор и не е многу напорно за репрезентациите, оти играчите можат да одморат повеќе, порано на клупата можеа да седат 14 играчи, а сега 16, имаш поголема ротација и ако си добро подготвен можеш пооптимално да ги искористиш ракометарите на теренот во текот на сите 60 минути, вели Темелковски. „Овој воспоставен систем со еден ден пауза по секој дуел за мене е сосема доволен, во смисла да се одморат играчите, но не и да се подготват тактички за следниот противник. Во мое време, мислам дека во група од шест селекции имавме само еден слободен ден, а два кога го менуваме градот за играње. Со настапот на повеќе селекции сметам дека се најде еден компромис околу времетраењето на СП, па слободниот ден по секој натпревар е добар за самите играчи“, вели Шундовски

РАКОМЕТ

Годинашново Светско првенство (СП) во ракомет за мажи почна на 11 јануари и ќе трае до недела, кога во шведскиот град Малме треба да се одигра натпреварот за златниот медал. Тоа значи 18 дена ракометни возбудувања. До златниот медал, новиот светски првак за 18 дена треба да одигра девет натпревари. Ако се направи споредба во однос на некои други попопуларни екипни спортови во светот, во фудбалот за 29 дена се играат седум натпревари за да се освои трофејот, во кошарката осум меча за 16 дена…
– Освен за фудбалот, за другите спортови и нивниот број на натпревари до финалето, искрено не бев запознаен, но во секој случај мислам дека сега се смени малку времетраењето на СП во однос на тоа кога јас бев селектор. На пример, на СП во Хрватска се играше секој ден, а сега гледаме на СП има по еден ден пауза по секој натпревар. Сметам дека системот е во ред, оти со 32 селекции многу би се пролонгирало СП ако има повеќе денови пауза. Вака со по еден ден одмор и не е многу напорно за репрезентациите, оти играчите можат да одморат повеќе, а патем и речиси сите селекции имаат ракометари што настапуваат во силни лиги. Во мое време кога го менувавме градот имавме само два дена одмор. Понатаму, тогаш на клупата можеа да седат 14 играчи, а сега 16, со што сега и ротација е поголема. Потоа во првиот круг немавме право ако некој се повреди да повикаме нов играч како замена. Тоа беше дозволено само во втората фаза. Точно е дека сега е понапорно да се игра, оти ракометот стана побрз, подинамичен, со брз центар, судиите сѐ почесто креваат рака за пасивен напад, така што нема време за тактизирање во нападот, па мора брзо да размислуваш како ќе играш во одбрана, а како во напад. Но денес, пак, имаш поголема ротација на играчи и ако си добро подготвен, можеш пооптимално да ги искористиш ракометарите на теренот во текот на сите 60 минути – вели поранешниот селектор на Македонија, Илија Темелковски.
Поранешниот селектор Звонко Шундовски, кој со репрезентацијата на Македонија го постигна најголемиот успех на европските првенства, освојувајќи го петтото место во 2012 година, вели дека репрезентациите треба да имаат слободен ден повеќе, но само кога одат од една група во друга или го менуваат градот каде што ќе ги продолжат натпреварите.

– Денес сите спортови одат напред, па така и ракометот. На ова СП гледаме дека се игра секој втор ден, но во секој случај е напорно, со оглед на тоа што ракометот сега е многу подинамичен и треба да се има повеќе играчи во составот. Сметам дека репрезентациите треба да имаат слободен ден повеќе, но само кога одат од една група во друга или го менуваат градот каде што ќе ги продолжат натпреварите. Сепак, овој воспоставен систем со еден ден пауза по секој дуел за мене е сосема доволен, во смисла да се одморат играчите, но не и да се подготват тактички за следниот противник. Во мое време, мислам дека во група од шест селекции имавме само еден ден слободен, два кога го менуваме градот за играње, од кој еден ден патувавме, а вториот ден беше искористен за аклиматизација. Знаеме дека денес се игра побрз ракомет иако и во мое време темпото беше брзо, но сега со натпреварите во овој скандинавски систем играта е подинамична и поагресивна. Со настапот на повеќе селекции сметам дека се најде еден компромис околу времетраењето на СП, па слободниот ден по секој натпревар е добар за самите играчи – вели Шундовски. Г.И.


ПАТ ДО СВЕТСКА ТИТУЛА

СПОРТ          МЕЧ.     ДЕН.
хокеј             10        16
ракомет          9         18
кошарка          8         16
рагби              7         13
ватерполо      6-7       13
одбојка           7         17
фудбал           7          29

во првата колона е бројот на натпревари за освојување на трофејот, а во втората времетраењето на мундијалите