Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прв стрелец досега на СП 2023 е Фојхтман од Чиле, со 46 гола, но тој со својата репрезентација има да одигра само уште еден натпревар, а од тие што имаат најмногу уште по три средби, Гидсел има 42 гола, Кнор 37 и Хансен 32. Рекордот на Лазаров е 92 погодока на едно СП

РАКОМЕТ

Селекторот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров, и понатаму е актуелен рекордер според бројот на постигнатите голови на едно светско првенство (СП) во ракомет.
Македонскиот незадржлив десен бек тоа го стори на Муднијалот пред 14 години во Хрватска, кога постигна неверојатни 92 гола (во просек по 10,22 гола по натпревар), рекорд што, барем до оваа фаза на годинашното Светско првенство што се игра во Полска и во Шведска, уште не е надминат, а тешко дека и ќе се случи тоа.
Најблиску до загрозување на неговиот рекорд е левиот бек на репрезентацијата на Чиле, Ервин Фојхтман, со 46 гола, но тој со својата репрезентација има да одигра само уште еден натпревар, за пласман, така што отпаѓа таа можност.
Од ракометарите што имаат уште најмногу три натпревари да одиграат до крајот на СП 2023, а со тоа се и најблиску да атакуваат на рекордот на Лазаров, се Данецот Матијас Гидсел со 42 гола досега, Германецот Јури Кнор со 37 и Данецот Микел Хансен со 32 погодока.
Но тие ќе треба многу да се потрудат за да им појде од рака тоа што му успеа на Лазаров. Така, Гидсел би требало во следните три средби да постигне 17 гола во просек по натпревар, Кнор 19, а искусниот Хансен дури 20, што се чини е тешко остварливо. Г.И.