Фото: Приватна архива

Раѓањето на мојата втора принцеза Мариа беше „јаготката на шлагот“ што ми ја комплетираше годината, која ќе ја паметам како една од моите најуспешни досега на професионален и исто така многу среќна на приватен план, вели македонскиот ракометен репрезентативец Филип Талески, зборувајќи за „Нова Македонија“ за постигнатото во 2022 година.

Јануари, покрај празниците, традиционално е резервиран за ракомет на голема сцена. Па така Талески и репрезентативната дружина, откако во кругот на семејството ја прославија новогодишната ноќ, се враќаат на репрезентативните обврски и завршните подготовки за настап на Светското првенство, кое ќе се игра во Полска и во Шведска од 11 до 29 јануари.

Фото: Горан Анастасовски

– Се радувам на секој празник и секој момент поминат со моите најмили, посебно за Нова година, бидејќи годинава мојата постара ќеричка Софиа на Дедо Мраз му ја порача куќарката на Барби, па со нетрпение го чекавме да ни ја донесе – низ смеа вели Талески, кој додаде дека размената на подароци и посакувањето искрени новогодишни желби за здравје и среќа се моменти во кои ужива целото семејство.

Фото: Приватна архива

Родителскиот дом беше местото каде што Филип и неговите три принцези, сопругата Ена и ќеркичките Софиа и Мариа ја дочекаа новата 2023 година, а неговите родители се погрижија за подготовката на омилената храна на своите најмили.

Фото: Приватна архива

– Јас сум голем гурман и сакам секакви јадења. Не можам да издвојам некое јадење кое редовно го имаме на новогодишната трпеза, но сакам тоа да бидат јадења од месо. Од слатките работи, можам да ја издвојам баклавата како мој омилен новогодишен десерт – ни кажа Талески.

Фото: Приватна архива

Во годината што измина, Талески во дресот на македонскиот првак Вардар ги освои шампионската и титулата во Купот на Македонија, а во дресот на македонската репрезентација беше лидер во квалификациските натпревари за пласман на Светското првенство.

– Многу сум горд на годинешните успеси на професионален план. Горд сум на секоја победа и на секој постигнат погодок, како и на тоа што ја имав лидерската улога во екипата и во репрезентацијата. Посебно сум среќен за голот кој ни ја донесе куп-титулата во домашното првенство – вели Талески.

Фото: РК Вардар

Добрите партии на левиот бек на Вардар во домашното првенство резултираа со голем број на постигнати погодоци што го направија најефикасен ракометар во црвено-црниот тим, а импресивни голгетерски партии имаше и во националниот дрес.

– Немам навика да бројам и запишувам колку голови сум постигнал, но од тоа што читав по порталите, мислам дека бев најдобар стрелец во тимот. Посебно се радувам што годинава поминав без повреди и не пропуштив ниту еден натпревар – истакна Талески.

Тој нагласи дека е посебно горд на натпреварите од квалификациите за пласман на СП.

– Тоа што го направивме во квалификациите за пласман на СП е еден добар показател дека грешат тие што беа скептици во оваа промена на генерации. Факт е дека имаме уште за работа и за надоградба како тим, но верувам дека сме на добар пат и можеме да сме горди на сите резултати и партии годинава – додаде Талески.

Македонскиот репрезентативец како новогодишна желба, на професионален план, посака сезона исполнета со добро здравје и без повреди, за себе и своите колеги, и која според резултатите во најмала рака ќе биде иста како изминатава во 2022 година, а можеби и побогата за некоја титула.

________________________________________________

Ќеркичката Софиа и сопругата Ена најголема поддршка од трибините

Мојата Софиа и сопругата Ена немаат пропуштено ниту еден натпревар што сме го играле во Скопје и се мојата најголема поддршка и мотивација. Многу ми е убаво кога од трибините после постигнат гол ќе ја слушнам Софиа како вика „тато, тато“ и можам искрено да кажам дека моите три принцези се најголемиот мотив за тоа што го правам на терен, искрен е Талески.

Фото: Приватна архива