Економската емиграција на работниците, очигледно, битно влијаеше на стапката на невработеност. Таа сега е на најниско ниво од 14 отсто. На изглед, добриот тренд на намалување на стапката на невработеност, всушност, открива еден уште подлабок проблем на берзата на работна сила, а тоа е недостигот од работници, причинет од нивното мигрирање во странство. Ова не е само акутен туку веќе и хроничен проблем за домашните работодавачи, кои се обидуваат да привлечат нови работници од неангажираното работоспособно население. Но, како што напоменуваат експертите, овој потенцијал е многу мал, што се должи на континуираното намалување на домицилното население, како и поради неповолната образовна структура на лицата што бараат работа, која не одговара на барањата на бизнис-секторот. Какви се сегашните состојби и дали, покрај многубројните негативности, ваквите состојби барем малку (позитивно) влијаеја врз родовите недоследности во државава при вработувањата?

Одливот на работници, проблемот со вработеноста и дефицитот на берзата за работна сила ги алоцира жените работници во преден план

Одливот на квалификувана работна сила од Македонија отвори можност за вработување на лицата што во претходниот период потешко можеа да дојдат на слободно работно место. Со отворањето на погоните на странските компании во некој од градовите во внатрешноста, припадничките на понежниот пол сѐ полесно се одлучуваат да се вработат во индустриските погони, во кои се бараше главно машка работна сила. Низ скопските продавници и маркети сѐ повеќе може да се забележат млади девојки и жени, а и припаднички на малцинските етнички заедници. Сличен тренд се забележува и при вработувањето млади лица, веднаш по завршувањето на средното или високото образование. Економската емиграција на работниците, очигледно, битно влијаеше на стапката на невработеност. Таа сега е на најниско ниво од 14 отсто. На изглед, добриот тренд на намалување на стапката на невработеност, всушност, откри еден уште подлабок проблем на берзата на работна сила, а тоа е недостигот од работници, причинет од нивното мигрирање во странство. Ова не е само акутен туку веќе хроничен проблем за домашните работодавачи, кои се обидуваат да привлечат нови работници од неангажираното работоспособно население. Но, како што напоменуваат експертите, овој потенцијал е многу мал, што се должи на континуираното намалување на домицилното население, како и поради неповолната образовна структура на лицата што бараат работа, која не одговара на барањата на бизнис-секторот. Но, во сиот тој негативен тренд, интересен за обележување е фактот што таквите движења барем малку (позитивно) влијаеја врз родовите недоследности во државава, што се однесува до дискриминацијата на жените при кандидирање за вработување на повеќе работни места.
Имено, до крајот на ноември годинава, според прегледот на Агенцијата за вработување во Македонија, вкупниот број на невработени лица изнесува 113.574, од нив 58.450 се жени. Според националната припадност, бројот на Македонците што бараат работа изнесува 50.162 лица (25.758 жени), од Албанците се невработени 41.003 (21.238 жени), од Турците 7.529 (3.856 жени) и бројот на Ромите што се пријавиле за работа изнесува 11.338 лица (5.831 се жени). Вкупниот број на пријавени невработени лица од српската, влашката и бошњачката етничка заедница е околу илјада лица.

– Според сегашната структура на невработените лица, не постои значителен потенцијал од каде што може да се регрутира нов број на работници за потребата на домашните компании. Во оваа бројка се постари лица без поголеми работни искуства или лица што не биле никогаш работно ангажирани. Припадноста на маргиналните групи никогаш, според моето долгогодишно искуство, не било главниот проблем за пристапот до работните места. Отсекогаш мојот став е дека секое невработено лице, кое имало желба и имало соодветни квалификации, можело да биде и работно ангажирано, трајно или во одреден период. Тоа еднакво се однесува не само на невработените лица, според етничката припадност или пол. Тоа што во некои рурални средини и жените почнале да работат во индустриските погони на некои од домашните и од странските компании покажува нешто друго. Кризата сега е многу поизразена и помина времето кога жените можеа да седат дома и да се занимаваат со домашни работи. Некои од граѓаните, кои со години не биле работно ангажирани, сега ги намалуваат своите очекувања во однос на добивање работа, според нивното образование, односно на посакуваната плата. Но овој број е мошне мал – ни изјави Раде Ненадиќ, од агенцијата за вработување „Партнер“.
Структурата на невработените лица во Македонија е понеповолна, доколку таа се гледа и низ степенот и видот на стекнатото образование. Преовладуваат лица со средно образование, кои не одговараат на моменталната побарувачка на пазарот на трудот. Во групата со високо образование преовладуваат дипломците од општествените науки, а од друга страна домашното стопанство има потреба од дипломирани машински и електроинженери или од областа на металургијата и од хемиската индустрија, појаснува Ненадиќ.
Пописот од 2021 година дава подетална анализа за образовната структура на населението во Македонија. Според тој попис, во земјава имало 1.836.713 жители, од кои над 15 години биле 1.525.366 жители, или нивното учество во вкупното население било 83 отсто. Без образование во 2002 година биле 67.358, или 4,2 отсто, а во 2021 година 23.192, или 1,5 отсто. Вториот „екстрем“ се однесува на населението со повисок степен на образование, покрај со високо и со магистерски и докторски титули, кое многу брзо растело во бројноста, така што од 2.783 магистри според пописот од 2002 година, во 2021 година имало 29.654, а доктори на науки од 2.069, сега има 6.037.

– Според стандардите, дефинициите и меѓународните препораки, степенот на образование се пресметува за население на возраст од 15 и повеќе години. Во пописот во 2002 година, учеството на ова население било 79 отсто во вкупното, што значи населението старее и неговото учество е поголемо. Се ваквите појави во нашава земја има околу педесет општини во кои имаме негативни појави дваесетина години, а таквиот тренд продолжува и натаму. Меѓутоа треба да знаеме дека се прави депопулација на просторот, односно тој се празни. Оваа појава придонесува за територијално разместување на населението и празнење, што се покажува со податоците од пописот во 2021 година, каде што имаме 207 празни населени места, или 60 повеќе отколку со пописот спроведен во 2002 година. Оваа појава на празнење на просторот или депопулација треба сериозно да ги загрижи надлежните во земјава – вели поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски.
Невработеноста e проблем со кој се соочуваат речиси сите целни групи на невработени лица, посебно ранливите категории, како што се: младите, долгорочно невработените лица, корисници на социјална помош, лица со низок степен на образование и сл. Состојбата со невработеноста на Ромите останува еден од најзагрижувачките фактори што го попречуваат нивното целосно вклучување во општеството. Иако има мали подобрувања во стапките на вработеност и активност на Ромите, тие сè уште имаат невработеност што е поголема во однос на националниот просек. М.Ј.