Песни што ме тераат да играм

Мајлс Дејвис, еден од најголемите иноватори во музиката, посебно во џезот и фузијата на рок-џез-фанк музиката, на 7 април во 1970 г., во „Колумбија студио“ во Њујорк го сними најголемиот рок-албум создаден од џез-музичар под наслов „A tribute to Jack Johnson“. За инает на рокерите и на Џими Хендрикс, кој важи за еден од неговите најголеми пријатели, всушност за да им докаже дека може најдобро, Дејвис (музичарот со најголемо его) го создава овој архетипски рок-албум со примеси на сѐ и сешто, но најмногу на џез. Се собира најдобрата и најимпресивна рок/џез група на сите времиња составена од неверојатни индивидуалци: Мајлс Дејвис – труба, Стиви Гросман – саксофон, Џон Меклафин – електрична гитара, Херби Хенкок – органа, Мајкл Хендерсон – електричен бас, Били Кобам – тапани, Бени Мапин – бас-кларинет, Чик Кореа – електрично пијано, Дејв Холанд – електричен бас, Џек Деџонет – тапани, Брук Питерс – нарација, Тео Мацеро – директор. Некои од овие музичари се цело време вклучени, а некои од нив повременo импровизираат. Така, на пример, Херби Хенкок случајно влегол во студиото каде што снимале и почнал да свири на органата создавајќи звуци што Мајлс ги вметнува во неговите идеи и замисли. Албумот е преполн со експериментирање, музичка магија, дисхармонија на звуци и ритми, тотален напад на сите сетила, а музичарите при самото создавање не се свесни што создале, тие само си играле како децата кога откриваат нешто ново. Сето тоа го канализира Мајлс. Тој е цело време присутен со својата енергија, иновативност и немилосрдна визија, создавајќи своја вселена што ја споделува со публиката. На почетокот никој не е свесен што се создава, ни критиката, ни публиката, па ни самите музичари, но со текот на времето станува јасно дека станува збор за вонвременско дело. Во 2003 г. излегува „A complete Jack Johnson“, комплетниот снимен материја со шест часа музика сместени во сет од пет цедиња.

Има интересна приказна како настанало ова парче музика. Џек Џонсон е светски првак во бокс во среднотешка категорија, кој таа титула ја добил во 1908 г., победувајќи го дотогаш непобедливиот белец Томи Брнс, а неговиот бокс-меч со Џејмс Џ. Џефрис е прогласен за меч на векот. Оваа голема победа ѝ дава надеж на афроамериканската публика дека и за неа доаѓаат подобри времиња. Џонсон прераснува во легенда, осум години по ред е светски првак, но неговиот начин на живот, жени, алкохол, опуштен живот, на пуританската Америка не ѝ се допаѓа. Во 1913 г. е обвинет и за да не оди во затвор бега во егзил во Европа и во Јужна Америка, но во 1920 г. се враќа и отслужува една година затвор. По ослободувањето повторно си ја тера истата приказна. Починува во 1946 г. како најголемиот, најпознат и најозлогласен Афроамериканец. За него Касиус Клеј вели: „Јас сум лошиот, но тој е лудиот“.

Е, сега, каде е тука Мајлс Дејвис? За Џек Џонсон многу години подоцна се снима документарен филм и Мајлс треба да сними музика за филмот. Мајлс, кој исто така е боксер аматер, со задоволство го прифаќа предизвикот. За да внесе лудост и хаотичност во музиката бара нов звук. Една вечер оди на концерт на неговиот добар пријател Џими Хендрикс, кога таму на сцената со само две гитари и тапани се создава неверојатен, целосно дисхармоничен, чистокрвен рок-звук, звук што целосно го маѓепсува. И тука се раѓа идејата за снимањето рок-албум со примеси на џез, или џез-албум со примеси на рок. Резултатот е ова неверојатно дело што ни го остави на сите нас, зависниците од музичкото светско наследство.

Љупчо Давчев