Фото: РФМ

Ракометарките на ЖРК Металург го освоија Купот на Македонија со победа над ЖРК Ѓорче Петров од 30-27 во возбудливото финале што се одигра попладнево во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци. Во вчерашните полуфинални дуели ЖРК Металург беше подобар од ЖРК Куманово со 25-21, додека ѓорчепетровки го совладаа ЖРК Чаир со 32-28.

Составот на ЖРК Металург исполнет со млади ракометарки на тој начин го врати трофејот од Купот во Автокоманда по 2013 година, освојувајќи го натпреварувањето по петти пат во клупската историја.

Ракометарките на ЖРК Металург предводени од Јулијана Дамчевска и Крсто Петрушевски имаа убедлива предност во текот на целиот натпревар, што достигна и осум погодоци во вториот дел. Победничките го издржаа и налетот на ривалките во завршницата од финалето, со што заслужено славеа.

– Чувството е прекрасно. Знам колку труд вложуваа младите ракометарки во тренажниот процес во текот на целата сезона. Токму затоа и славеа, бидејќи вложениот труд беше нивен мотив. Знаев дека имаме млада и помалку искусна екипа, но во ниту еден момент не се сомневав во успехот – истакна по финалето Дамчевска.

Талентирана 15-годишна Ива Младеновска беше прогласена за најкорисна ракометарка на завршниот турнир, предводејќи го составот од Автокоманда до трофејот со девет гола во финалето и 10 погодоци во полуфиналето, со што беше најефикасна во решавачките дуели. Таа имаше извонредна поддршка во нападот од Ива Божиноска која погоди осум пати во решавачкиот меч. На голот на Металург блескаше и капитенката Амра Илјаз која забележа 12 одбрани во финалето, влегувајќи во идеалната постава на турнирот.

– Чувството е прекрасно. За ова се подготвувавме цела сезона. Се трудев да го дадам максимумот. Се надеваме следната сезона со овој состав да одиме и на двојна круна – заклучува Илјаз.