Фото: Aрхива/Игор Бансколиев

Во споредба со СП 2021, во сегашниот состав има 13 нови имиња, а во споредба со ЕП годинава, сега има 10 повикани ракометари. Просечната возраст на составот што е најавен пред настапот на СП 2023 е 24,5 години

РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА СП 2023

Македонската машка ракометна репрезентација ќе биде пред нов предизвик на претстојното Светско првенство (СП) во Полска и во Шведска (11-29 јануари в година). Селекторот Кирил Лазаров веќе го објави списокот од 23 ракометари со кои ќе ги почне подготовките на 20 декември. Она што може да се воочи е дека продолжува трендот на подмладување на репрезентацијата, по заминувањето на искусните и долгогодишни репрезентативци, кои оставија траен печат во историјата на македонскиот репрезентативен ракомет.
Во споредба со СП 2021, кога Македонија беше 23-та меѓу 32 селекции (конкурентите во групата Ф на СП 2023, Норвешка шеста, Аргентина 11-та, а Холандија не настапи), во сегашниот состав има 13 нови имиња: Александар Петковски, Петар Атанасијевиќ, Костадин Петров, Марко Стојковиќ, Павле Атанасијевиќ, Иван Џонов, Игор Ѓоргиев, Томислав Јагуриноски, Давид Савревски, Едвин Омерагиќ, Марко Кизиќ, Гоце Георгиевски и Дејан Мансков, од кои последниве двајца искусни ракометари беа повредени во тој период. Од тие што настапија на тоа СП во Египет, а веќе не се на списокот на Лазаров се ракометните ѕвезди што веќе претходно најавија збогување од репрезентацијата, како што се Филип Миркуловски, Стојанче Стоилов, Кирил Лазаров…
Во споредба со Европското првенство годинава, пак, на кое Македонците беа на 22-то место од 24 репрезентации (Норвешка беше петта, а Холандија 10-та), сега има 10 повикани ракометари (Цветан Кузманоски, Филип Кузмановски, Филип Талески, Жарко Пешевски, Игор Ѓоргиев, Ненад Костески, Гоце Георгиевски, Мартин Серафимов и голманите Никола Митревски и Мартин Томовски). Секако, ова ќе биде и нов испит, особено за младите ракометари. Просечната возраст на составот што е најавен дека ќе настапи на СП 2023 година е 24,5 години. Меѓу нив највозрасни се Митревски (37), Георгиевски (35), Марковски (32), Пешевски (31), Манасков, Петров (по 30)…, а најмлади се Петковски (18), Петар и Павле Атанасијевиќ, Стојковиќ, Омерагиќ (по 19), Савревски, Младеновиќ (по 20), Кизиќ, Костески (по 21)… Г.И.