Македонците во Бугарија со години чекаат официјална Софија да ги спроведе пресудите од Судот во Стразбур и да ги добијат нивните права / Фото: Архива

По однос на ова прашање, мислењето на нашите соговорници е дека „агресивната бугарска политика кон Македонија во добра мера се должи на пасивноста од македонска страна, како и на недостигот од јасна политика и црвени линии кон постојаните ирационални барања што пристигнуваат од Софија“. Тие посочуваат дека од македонска страна е потребна една принципиелна политика, секако втемелена на внатрешното и меѓународното јавно право, која, се разбира, треба да ја поддржат и меѓународните институции. Таквата македонска политика, всушност, е дел од утврдениот меѓународен правен поредок, особено за прашањето на универзалното највисоко право (јус когенс) за признавање на народите, вклучувајќи и за почитувањето на човековите и малцинските права на Македонците во Бугарија

Неопходно е Македонија да има прецизен, точно определен, консензуален став за политиките на Софија кон македонската нација и држава

Агресивната бугарска политика кон Македонија и постојаните бугарски ирационални барања се должат на недостигот од јасна македонска политика кон голем број прашања, меѓу другото и прашањето за почитување на човековите и малцинските права на Македонците во Бугарија. Односите помеѓу две соседски држави треба да бидат поставени врз принципот на заемност и почитување. Во спротивно, доколку македонската страна не покаже јасен став и црвени линии, бугарските агресивни и ирационални настапи ќе прoдолжат и ќе се засилуваат.
Во изминативе неколку години односот на официјална Софија кон Македонија се карактеризира со агресивен национализам и иредентизам, нешто што е особено видливо во постојаното негирање на македонскиот народ и неговите особености – јазик, историја, култура, обичаи итн. Ваквата бугарска политика кон македонската држава, а воопшто и кон сите Македонци, е вешто затскриена од евроинтегративните процеси и видливо во барањето за промена на македонскиот устав и внесувањето на Бугарите, како и во отворањето на бугарските клубови што се именувани според контроверзни личности. Во изминатиов период имаше најава за отворање нови дваесетина бугарски клуба во Македонија. Експертите со кои се консултиравме посочуваат дека бугарските клубови што се именувани според познати фашисти или националисти што го негирале постоењето на Македонците немаат цел да ги подобрат македонско-бугарските односи, туку, напротив, треба да се разберат како провокација што може дополнително да ги наруши. Во однос на ова прашање, мислењето на нашите соговорници е дека „агресивната бугарска политика кон Македонија во добра мера се должи на пасивноста од македонска страна, како и на недостигот од јасна политика и црвени линии кон постојаните ирационални барања што пристигнуваат од Софија“. Тие посочуваат дека од македонска страна е потребна една принципиелна политика, секако втемелена на внатрешното и меѓународното јавно право, која, се разбира, треба да ја поддржат и меѓународните институции. Таквата македонска политика, всушност, е дел од утврдениот меѓународен правен поредок, особено за прашањето на универзалното највисоко право (јус когенс) за признавање на народите, вклучувајќи и за почитувањето на човековите и малцинските права на Македонците во Бугарија.

ОМО Илинден-Пирин: Бугарите може да влезат во македонскиот устав, но како малцинство, а не како државотворен народ

За оваа проблематика Стојко Стојков од ОМО Илинден-Пирин вели дека секоја држава има црвени линии во односите со другите и најосновната и најочигледна е онаа што се однесува на човековото достоинство и правата на нејзините граѓани. Во тој број влегуваат и правото на самоопределување, на сопствен идентитет, слободата на науката, рамноправноста на граѓаните, суверенитетот на нацијата и нејзината држава. Со договорот со Бугарија и со преговорите што се водат со Бугарија, Македонија трагично ги помина сите овие црвени линии и направи компромиси што го поставуваат под сомнеж нејзиниот статус на суверена држава и нација. Тоа треба да прекине. Има работи за кои не може да се разговара и работи што не може да бидат прифатени, без разлика на цената. Инаку се губи смислата од постоењето на таква држава, како што нагласува Стојков.
– Македонија се постави во подредена положба наспроти Бугарија. Апсолутно е понижување за земјата да разговара за статусот на бугарското малцинство во Македонија без да разговара истовремено и за статусот на македонското малцинство во Бугарија. Фактот што е прифатен таков разговор зборува многу. Да прифаќате да си го менувате Уставот, а збор да не кажете за своето малцинство во другата земја?! И тоа кога истото тоа малцинство е регуларно дискриминирано – факт утврден и во сите релевантни меѓународни извештаи! При толку пресуди на Европскиот суд за човекови права, толку одлуки на Комитетот на министри при Советот на Европа.- вели Стојко Стојков.
Според него, Бугарите може да влезат во македонскиот устав, но како малцинство, а не државотворен народ.
– Овој процес треба да оди паралелно со давање статус на национално малцинство за Македонците во Бугарија, каков што имаат да речеме Турците таму, нека се отворат бугарски клубови во Македонија (без провокативни имиња), но Бугарија нека ги исполни пресудите од Стразбур и ги регистрира организациите на Македонците во Бугарија. Нека има некаков реципроцитет и достоинство во овие преговори и договори. Зашто инаку излегува дека Бугарите во Македонија имаат две држави, а Македонците во Бугарија – ниту една – вели Стојко Стојков.

Бугарија мора да ги да ги почитува обврзувачките пресуди на Европскиот суд во Стразбур

Преставниците на македонското малцинство во Албанија го земаат предвид односот на официјална Тирана кон почитувањето на човековите права и малцинства, дека токму добрососедските односи помеѓу Албанија и Македонија можат да послужат како пример за македонско-бугарските односи и подобрување на добрососедските релации помеѓу Скопје и Софија. Тие нагласуваат дека Албанија го признава македонското малцинство, вклучувајќи го и правото на организирање сопствени друштва и информативни медиуми. Постојат уште можности за подобрување на малцинските права во Албанија, но албанското општество е многу понапред во однос на Бугарија, која е земја-членка на Европската Унија. Според нив, слично како што постои одредена заемност во македонско-албанските односи, таква заемност мора да постои и во македонско-бугарските односи, односно Бугарија да се откаже од својата агресивна националистичка политика кон Македонците.
– Бугарија треба да ги почитува обврзувачките пресуди на Европскиот суд во Стразбур и треба да ги признава сите малцинства што живеат на нејзина територија и македонското малцинство. Македонија треба да гради широк консензус и да има црвени линии во однос на бугарските барања, бидејќи сите ние знаеме кои се целите на Бугарија. Истовремено тоа го прави и со Македонците во Република Албанија, тие се идеи на санстефанска Бугарија за бришење на македонската нација – вели Никола Ѓурѓај од македонското друштво Илинден-Тирана
Разгранокот на СМК од Србија, по прашањата за малцинските права за Македонците во Бугарија и Србија, како и за Србите и Бугарите во Македонија мисли дека треба да бидат решени со меѓудржавни билaтерални договори помеѓу тие земји. Истите спогодби се можни и за односите со Албанија и Грција кога се во прашање малцинските права. Доколку само од Македонија доаѓаат информации за еднострано подобрување на малцинските права на нам пријателските етноси, а ние и натаму во реализацијата на истите тие права имаме пречки, тогаш нашиот етнос е и ќе биде во подредена позиција, како што нагласува Душан Јаневски од Светскиот македонски конгрес.
-Ова прашање е само со меѓудржавни заемни билатерални договори! Во однос на преговорите што Македонија ги води со Бугарија за македонскиот етнос, мислиме дека тука нема простор за договор и, како тема, да се отфрли тоа, затоа што секој народ сам си кажува за себеси. Нивно е да почитуваат доколку сакаат пријателски однос со Македонија. Никако да не дозволуваме уцени и да се повикаме на меѓународни пресуди во полза на македонското малцинство во Бугарија. Да побараме од пријателски западни земји потпора и да создадеме состојба во која ќе биде осуден бугарскиот шовинизам. Не ја отфрлам и можноста како држава Македонија да поднесеме тужба пред меѓународен суд за непочитување на досегашните судски пресуди против Бугарија – вели Душан Јаневски. Д.Ст.