По завршувањето на осмата сезона во ракометната Регионална лига (РЛ), одговорните лица на лигата излегоа со интересни статистики за ефектот на играчите во изминатите осум сезони. Во досегашните осум сезони се одиграни вкупно 796 натпревари, на кои се постигнати 42.924 гола, или 53,9 во просек по натпревар.

Прв на вечната листа на стрелци во Регионалната лига е десното крило на Загреб, Златко Хорват, со 640 постигнати погодоци. Втор на листата е највисокиот ракометар во лигата, десниот бек Дианис Кристопанс (215 см), со 630 гола постигнати во дресовите на Татран Прешов, Мешков и Вардар. На третата позиција е левото крило на Татран, Радослав Антл, кој иако пред три сезони се пензионира, зад себе има 579 гола. На четвртата позиција е вардаровото лево крило Тимур Дибиров со 437 постигнати гола, а петти на вечната листа на стрелци е Јакуб Хрстка од Татран, со 433 погодоци.

Вардаровиот десен бек Кристопанс е најдобриот асистент во РЛ, со 210 асистенции. Втор на листата со 172 асистенции е организаторот на играта на Татран, Лукас Урбан, а трет е вардаровиот бек Игор Карачиќ со 144 проигрувања. Четврти на листата е Момир Илиќ од Веспрем, кој во трите одиграни сезони во РЛ асистираше 134 пати, а на петтата позиција е Димитри Николенкау од редовите на Мешков со 123 асистенции.
Најдобар чувар на мрежата со 650 интервенции во изминатите осум сезони е голманот на Мешков, Иван Пешиќ. Втората позиција му припадна на Нексе, Перица Лелиќ со 593 одбрани, трет е Иван Стевановиќ од Загреб со 521 одбрана, 520 интервенции има голманот на Татран, Игор Чуприна, додека, пак, поранешниот вардаров чувар на мрежата Страхиња Милиќ ја има петтата позиција со 474 одбрани.

Десното крило на Загреб, Златко Хорват, е најдобриот пеналџија во РЛ со 233 реализирани седмерци. Втората позиција со 160 реализирани казнени удари ја има Радослав Антл. Трет е Ведран Зрниќ од Нексе со 120, на четвртата позиција е поранешниот играч на Мешков, Растко Стојковиќ со 117 погодоци, а на петтата позиција е Јакуб Хрстка со 110 реализирани седмерци.