Спортскиот клуб „Клисура“ во соработка со општина Демир Капија престојниот викенд на 18 и 19 мај го организира шестото издание на на интернационалниот фестивал за спортови во природа познат како меѓународен „Аутдор-фестивал 2019“. Сите спортско-рекреативни и други активности во рамките на фестивалот ќе се случуват во прекрасната природа на територијата на општина Демир Капија, а организаторите секоја година го збогатуваат со сè поголем број содржини во кои можат да се најдат сите членови на едно семејство. Целта на овој голем настан кој веќе станува традиционален е преку рекреативното спортување и дружење во природа да се постигне зајакнување на вредностите меѓу младите, толеранцијата, почитта кон различностите, еколошката свест, здравиот начин на живеење и креативен активизам.

Организаторите на фестивалот ги покануваат сите спортски федерации, клубови на планинари, велосипедисти, алпинисти, кајакари, параглајдеристи, извидници, спелеолози и сите почитувачи на природата заклучно до вечерва во 21 часот да се пријават за учество, бидејќи се најавува богата програма во која своја забава и уживање ќе можат да пронајдат сите учесници од најразлични генерации.

Според програмата, за утре, односно првиот ден од фестивалот предвидени се трка со старт од кањонот до центарот на Демир Капија, рекреативна прошетка од кампот до црквата Св. Петка, „оф-роуд“ возење велосипед со посета на винарници и музејот на виното, кајак на диви води и рафтинг за сите пријавени учесници на фестивалот, презентација и можност да пробаат да пловат со кајак под менторство на искусните кајакари од ККК „Просек- МКД – од Демир Капија. За сите останати учесници во фестивалот покрај рекреативна зумба ќе се организира забавна програма и натпревари за деца во градскиот парк. За вториот ден, од фестивалот се организира спортско качување во кањонот Демир Капија, планинарска тура до водопадите во Копришница, големата велосипедска тура и се разбира, заеднички ручек со тавчегравче во ресторан.

Интересно е да се напомене дека котизацијата за учесници над 16 години е 500 денари, додека за помладите изнесува 400 денари. Кампувањето е бесплатно, а сите учесници добиваат посебни попусти за ноќевање во други објекти и дегустација на вина. Ми.М.