Момент од мечот во Порто

Во третото коло Барселона 20-ти пат го победи Загреб во ЛШ, овој пат во меч одигран во Задар, а Еурофарм Работник загуби на гости кај шпанскиот вицепрвак Бидасоа со 26-25

Ракометарите на Еурофарм Работник третпат загубија во Лигата на шампионите (ЛШ), овој пат од шпанскиот вицепрвак Бидасоа Ирун, со 26-25 (10-12). Битолчани одлично го почнаа натпреварот, создадоа солидна предност од пет гола во почетокот на второто полувреме (16-11), но шпанскиот состав ја забележа својата трета победа во низа во ЛШ. Најефикасен кај Еурофарм беше Владислав Остроушко со девет гола, а Никола Митревски собра 12 интервенции.

Победувајќи го полскиот шампион Киелце со 33-30, португалскиот првак Порто го направи најголемото изненадување во мечевите од 3. коло од ЛШ. Португалците уште од самиот почеток на натпреварот влегоа мотивирано и цврсто, а поранешниот европски првак Киелце резултатски парираше само во почетните десетина минути од натпреварот. Остатокот од мечот помина со доминација на португалскиот состав, кој го контролираше резултатот и ја забележа втората победа во групата Б.

Шпанскиот првак Барселона ја забележа 20-та победа над Загреб во ЛШ откако во мечот од 3. коло славеше со 36-19 (21-9) на гости, во Задар. Повратникот на клупата на Загреб, словенечкиот селектор Веселин Вујовиќ шанса за деби-настап и прв гол во ЛШ му даде на македонскиот кадетски репрезентативец во редовите на Загреб, десното крило Ненад Костески. Тој реализира удар од седум метри, против шпанскиот голман Перез де Варгас.

Потешко од очекуваното, до трета победа во низа стигна францускиот гигант ПСЖ, кој наиде на силен отпор од норвешкиот првак Елверум (25-22). Изедначен и максимално борбен натпревар, кој заврши без победник (24-24) одиграа унгарскиот вицепрвак Сегед и германскиот првак Фленсбург. Вистинско гол-шоу приредија десното крило на Сегед, Богдан Радивојевиќ (12 гола), и централниот бек на Фленсбург, Соегард Јоханесен (девет реализации).

По комплетирањето на 3-то коло од ЛШ, ќе почне неделата на ЕХФ, во која националните селекции ќе ја имаат првата фаза од подготовките за Европското првенство в година.