ЗОНСКИ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2027
Македонија, која се наоѓа во групата А, денеска напладне го отвора турнирот со соочување против Романија
Селекторот на женската одбојкарска репрезентација на Македонија (до 20 години), Деан Стојанов, одлучи кои 14 девојки ќе го понесат товарот во зонските квалификации на БВА за пласман во Европското првенство (ЕП) 2027, кои од денеска до 23 август ќе се одржат во Мостар (БиХ). Тринеделните подготовки и трите тренинг-контролки со националниот А-тим им овозможија на селекторот и стручниот штаб да го изберат тимот на кој ќе му ја дадат довербата во пресрет на историската шанса на оваа млада генерација.
Според планот, делегацијата требаше вчера попладне во Мостар да го одработи првиот официјален тренинг, додека натпреварувачкиот дел почнува денеска. Македонија, која се наоѓа во групата А, денеска напладне го отвора турнирот со соочување против Романија. Ден подоцна, во второто коло (14.30 ч.) игра со Белорусија, додека девојките ја заокружуваат групната фаза на 21 август (19.30 ч.) против домаќинот БиХ. Во групата Б се репрезентациите на Србија, Бугарија, Русија и на Турција. На 22 и 23 август, пак, се натпреварите за пласман. Сите мечеви ќе се играат во спортската сала „Бијели бријег“ во Мостар.
Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) сѐ уште нема точно дефинирано колку селекции од овој турнир ќе продолжат во следната квалификациска рунда, која треба да се игра од 21 до 24 јануари следната година, информираат од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Г.И.
Список на ракометарки
ТЕХНИЧАРИ: Ева Горбок (Газели Волеј), Матеа Попоска (Јанта Волеј КВ). КОРЕКТОРИ: Сара Горбок (Газели Волеј), Снежана Дикова (Струмица жени). ПРИМАЧИ: Матеа Петровска (Фит Фан Волеј), Даниела Горбок (Газели Волеј), Зофија Георгиевска (Газели Волеј), Андреа Јанкова (Јанта Волеј КВ). СРЕДНИ БЛОКЕРИ: Андреа Митиќ (Младост УГД), Кристина Спасовска (Форца Волеј ЕМА), Матеа Сотировска (Газели Волеј), Неда Зврлевска (Газели Волеј). ЛИБЕРА: Викторија Пренк (Газели Волеј), Софија Танчевас (Наковски Волej).




































