- Културата, во тој контекст и македонската книжевност и јазик, е столб на националните вредности, обележје на државноста, таа е бесценето Добро, наследено и стекнато, меморија без којашто Македонците би биле избришани од мапата на цивилизираните народи
Велгошти, Охрид и Македонија обележуваат 91 година од раѓањето на Живко Чинго. Роден на 13 август 1935, починат на 11 август 1987-та, овој писател, раскажувач, романсиер, драматичар и писател за деца, и денес како да сака да нè потсети дека ништо не е случајно кога се работи за еден великан: – ни аурата на неговите датуми на раѓање и умирање; – ни насловите на делата по коишто стана и остана познат – „Пасквелија“ и „Нова Пасквелија“, кои потсетуваат симболично на Воскресението и на Величината на Духот, нешто од посебна важност за времепросторот што го овоплотуваат во расказите; – ни митскиот топоним на белото езеро и белото море препознаени како Големата вода, како што некогаш и Македонија била синоним за Езерска земја!
Двете Пасквелии на Чинго и романот „Големата вода“ ја оживуваат поновата македонска историја, онаа по Втората светска војна и од времето на социјализмот, а заедно со таа историја ја оживуваат и митската Македонија, земја на легенди и преданија, на победи и порази, на поезија и проза, на единство и разединетост, на предавства и одмазди, на селидби и конверзии, на страв и вера, на добро и зло и многу, многу „божји убавини“.
Деновиве водев разговори и размислував за еден репрезентативен избор од македонскиот модерен и постмодерен расказ, избор кој би бил преведен и објавен во странство. Најпрвин ми се чинеше дека е пожелно да биде претставено најновото творештво со раскази објавени во првите две и пол децении од 21 век, од 2001 до 2026 година. Потоа сфатив дека тој концепт, иако има смисла и е реален, сепак ќе биде лишен од неколку неодминливи раскажувачи. Еден од тие неколкумина раскажувачи е секако Живко Чинго (1935), потоа Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Васе Манчев, Крсте Чачански, Драги Михајловски… Повеќето од нив не се веќе меѓу живите, но ги имаат задолжено македонската книжевност и култура на начин кој нè обврзува. Тоа беше само повод да се навратам на расказите на Чинго и одново, којзнае по кој пат, да ја доживеам нивната мисловна, јазична, стилска, естетска и филозофска димензија. Иако расказот е кус книжевен вид, тој е пример за тоа како мислата се шири кога на зборовите им е тесно. Оксиморонски кажано – ’мал-голем’ свет на јазикот и на уметноста.
Чинго е раскажувач и во романите, и во расказите. Од таа генерација писатели родени 1934, 35 и 36 година на 20 век, имаме неколку врвни раскажувачи: (хронолошки подредени): Петре М. Андреевски (1934-2006), Влада Урошевиќ (1934), Живко Чинго (1935-1987), Оливера Николова (1936-2024).
Меѓу нив, Чинго и Урошевиќ востановуваат две наративни парадигми: едната, онаа на Чинго, произлегува од силната импресионираност од дадената стварност, од македонскиот хронотоп, од наследените колективни трауми, од потресните гротески што тој ги развива драматично, изворно, така што на мигови тие звучат магиски-реалистично, но воедно, или на прво место, тие се литерарна рефлексија на македонската стварност, толку брутално реална, што звучи фантастично.
Другата парадигма, онаа на Урошевиќ, ги пробива македонските ‘знаци на патот’ и се отвора спрема Чудесното како глобален надреалистичен феномен, се отвора спрема фантастиката со нијанси на реалност, која фасцинира и збунува во исто време.
Овие две наративни парадигми на македонскиот расказ ги надминуваат границите на локалното, единствено македонскиот јазик ги сместува во нивниот домицилен простор, сè друго е безгранично. Па дури и нивниот модернизам излегува од школските канони.
Канонот на Живко Чинго го враќа и го потсетува читателот на стварноста, му вели „назад во реалниот свет“, „не забегувај во илузиите, сети се дека е неопходно да се спознаеш самиот себе за да го запознаеш другиот!“ А да го спознаеш македонскиот свет значи да се соочиш со Дарбата која ги урива сите стереотипи, како онаа на свирачот на „грнета“ Зурло. Да го спознаеш македонскиот свет, значи да се соочиш со траумата што луѓето си ја приредуваат еден на друг, блиските во семејството, блиските во заедницата, и потсети се дека човек човеку е волк. Не секогаш, но доволно често за да се страда сега и тука. Доволно за да се поттикнат семејна несреќа, глад, пожар, смрт, страв, неправедност, одмаздољубивост и многу, многу апсурдни ситуации.
Модернизмот на Чинго има и елементи на егзистенцијализам, затоа ја покажува стварноста низ призма на нејзините мрачни, сочни, потресни, каинавелиски, па и апокалиптични олицетворенија видени во Пасквел или Пасквелија, во ликот на Фром и Фромовата ќерка, стрикото Аргил и ќерка му Агатија, на Корун и Евтимко… Во таа стварност времето како да се врти во круг, се враќа упорно, и времето на пожари, и времето на губење на водата, и времето на војни, и времето на суша и времето на поплави… Или, како што вели ликот на Чинго – Евтимко во расказот „Губењето на водата“ (с. 85).
„Ништо не стана со времето, со луѓето нешто стана, какви луѓе ни живеат во куќава, под еден покрив“.
Чинго е автор кој прави обдукција на човештината, на семејството и на општеството низ призма на конзервативниот паланечки лажен морал, кој е извор на многу неправди и несреќи. Неговите книги раскази се енциклопедија на малограѓански забрани и грешни потези кои имаат две лица: покажувајќи ги апсурдните состојби на човечката егзистенција, тие го покажуваат излезот од помрачената свест. По ноќта доаѓа ден, не смееме да бидеме жртви на помрачувањата на разумот. Расказите на Чинго се налик на гледање во Сонце кое се помрачува и потоа повторно се јавува во полн сјај. Затоа книжевниот опус на Живко Чинго треба да се промовира и денес, и образовно, и медиумски, и меѓународно, низ превод.
Вакви убави настани нека бидат повод и да се потсетиме на важноста на книжевноста, културата и уметноста. Не ретко, денес, токму на овие простори на коишто културата достигала врв во разни историски епохи, политичките структури ја маргинализираат културата, да не речам дека – ја жртвуваат културата. А таа, културата, во тој контекст и македонската книжевност и јазик, е столб на националните вредности, обележје на државноста, таа е бесценето Добро, наследено и стекнато, меморија без којашто Македонците би биле избришани од мапата на цивилизираните народи.


































