Фото: „Нова Македонија“

ОДБОЈКА

  • Европската лига ја сфаќаме сериозно, како прв дел од циклусот за следното Европско првенство во 2028 година, а истиот пристап несомнено ќе го имаат и другите репрезентации. Европската лига нема да биде само тест или подготовка за некое друго натпреварување, туку сега многу посериозно ќе гледаат сите кон неа и ќе биде многу поквалитетна, но таа носи и голема задача, пласман на ЕП 2028, вели селекторот Миленкоски

Европската лига ја сфаќаме сериозно, како прв дел од циклусот за следното Европско првенство во 2028 година, а истиот пристап несомнено ќе го имаат и другите репрезентации. Европската лига нема да биде само тест или подготовка за некое друго натпреварување, туку сега многу посериозно ќе гледаат сите кон неа и ќе биде многу поквалитетна, но таа носи и голема задача, пласман на ЕП 2028. Противниците на турнирите се познати и имаме ривали како Холандија, Израел и Грција, чиј квалитет ни е добропознат и ќе се обидеме да извлечеме што подобар резултат во дуелите со нив. Од друга страна, оптимисти сме дека со Исланд, Косово и со Луксембург може да запишеме победи, со оглед на тоа дека важиме за фаворите во натпреварите со нив, изјави селекторот на македонската машка одбојкарска репрезентација Јошко Миленкоски по почетокот на подготовките во Крушево, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
На првиот состанок се појавија 18 одбојкари, поголемиот дел од нив првпат во сениорската селекција. Според најавеното, интернационалците Никола Ѓоргиев, Владо Милев, Александар Љафтов, Филип Савовски и Филип Маџунков, како и Стојче Арсов, ќе се приклучат на 13 мај во Скопје.
– Почнуваме една седмица порано од предвиденото, со подмладен состав, што е пракса во Европа и во светот во овој период од подготовките, со оглед на тоа дека голем број играчи со статус на интернационалци и понатаму имаат клупски обврски. Тоа што сме со редуциран број на искусни играчи дава шанса помладите одбојкари што се на поширокиот список да добијат повеќе простор и внимание. Пораниот почеток на подготовките има цел одбојкарите што имаа подолга пауза да бидат на идентично ниво со оние што ќе ни се приклучат на 13 мај, а се во полна натпреварувачка форма. Така ќе можеме директно да продолжиме со техничко-тактичка подготовка и да ја темпираме формата прво за пријателските натпревари со Црна Гора на крајот на мај, а потоа и за Европската лига. Овие подготовки имаат и една друга цел, да ги видиме моменталните квалитети, предиспозиции и перспектива и да тестираме поголем број млади одбојкари, кои се дел од кадетската и од младинската селекција.

Отсуството на поискусните во моментов го користиме за да пробаме дел од младинските репрезентативци што во август ќе бидат дел од селекцијата до 20 години, која ќе игра зонски квалификации за Европското првенство во нејзината возрасна категорија. Ова е шанса да ги видиме можностите за да имаме јасна слика и на што може да сметаме во иднина. Имаме добар план и на добар пат сме и со сениорите да стигнеме до едно добро ниво, но и младинската селекција да добие добра база. Истовремено ќе видат младите какви се методите на работа во сениорската репрезентација, од која се надеваме дека во блиска иднина ќе бидат дел – рече вели Миленкоски, пренесе ОФМ.
Репрезентацијата до 12 мај ќе престојува во Крушево, а еден ден подоцна репрезентацијата повторно ќе се собере во Скопје.
– Планот за Крушево е да се посвети што повеќе внимание на физичката подготовка. Ќе го искористиме присуството на Петар Баснарков, кој првпат е во стручниот штаб на репрезентацијата и со неговата квалитетна работа очекувам многу да ѝ помогне на екипата, особено во кревање на формата на одбојкарите. Покрај физичка подготовка, ќе работиме и на основната техника и да видиме како ќе се вклопат помладите во тимот. Тактичниот дел ќе го оставиме за во Скопје, кога ќе се комплетираме со интернационалците – вели Миленкоски, пренесе ОФМ. Н.М.