Македонија го заврши настапот на Европското првенство во одбојка со убедлив пораз (3-0) во осминафиналето од актуелниот континентален и светски шампион, Италија.
Пред околу 6.000 публика во Бари, Италијанците ја надиграа Македонија во три сета, со 25-20, 25-12 и 25-14. Македонските репрезентативци успеаја да го искористат почетниот адреналин, па да парираат сосема коректно во првиот сет, губејќи го чекорот дури кон крајот на сетот, за да освојат 20 поени.
Сепак, во вториот сет се почувствува дека вистинската разлика во квалитетот допрва ќе се види, па Италијанците со една серија од 5-0 поведоа со 13-6. Тоа го најави убедливиот резултат, кој го надгради уште една серија со шест врзани поени, а највисоките +13 се појавија трипати на семафорот. Третиот сет беше нешто поподнослив, иако уште рано се одлепи, поведе со 17-8, за на крај да загуби со 10 разлика. Александар Љафтов со 10 и Никола Ѓорѓиев со девет поени ја предводеа нашата репрезентација.
Во четвртфиналето Италија ќе игра против подобриот од дуелот Холандија – Германија, меч кој се игра вечерва од 21 часот. Засега Словенија е првиот четвртфиналист, која многу тешко го избори тој статус, со пресврт и дури во пет сета ја совлада Турција 20-25, 22-25, 25-21, 25-23, 15-13.