Фото (пиксабеј)

Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека заедничката декларација на земјите-членки на Г20 „не е нешто со што би можеле да се гордееме“ и упатува критика поради тоа што во завршниот документ од Самитот во Индија експлицитно не се споменува Русија.

Портпаролот на украинското МНР, Олег Николенко објави дел од декларацијата, при што некои делови од текстот се пречкртани со црвено и коригирани, со цел да се потенцира ставот на Киев дека Украина е жртва на неиспровоцирана руска агресија.

Целосно е јасно дека учеството на украинската страна на состанокот ќе им овозможеше на учесниците на Г20 подобро да ја разберат ситуацијата – напиша Николенко на Фејсбук.

И покрај разочарување од текстот на декларацијата, Николенко им се заблагодари на сојузниците на Киев, кои се залагаа за подобрување на позицијата на Украина во декларацијата.

– Украина им е благодарна на сите партнери кои се обидоа да внесат похрабра формулација во текстот – истакна Николенко.

Во завршната декларација од Самитот на Г20 лидерите на земјите-членки ја осудија „употребата на сила“ во Украина со цел територијално освојување, но експлицитно не ја споменаа Русија.

– Кога има војна во Украина, во согласност со Повелбата на ОН, сите земји мора да се воздржат од прибегнување кон закани или употреба на сила за да се обидат да освојат одредени територии, на штета на територијалниот интегритет и политичкиот суверенитет на која било земја – се наведува во декларацијата.

Но, во текстот не се споменува експлицитно руска „агресија“ во Украина, термин што беше користен во 2022 година за време на претходниот Самит на Г20 на Бали. Во декларацијата од Самитот на Бали беше наведено дека „најостро се осудува агресијата извршена врз Украина од страна на Руската Федерација“.