Бостон ќе се бори со Мајами за пласман во големото финале

КОШАРКА – НБА, ПОЛУФИНАЛЕ

Кошаркарите на Бостон предводени од феноменалниот Џејсон Тејтум убедливо ја совладаа Филаделфија со 112-88 во седмиот решавачки натпревар од полуфиналето на Источната конференција, кој го одиграа пред своите навивачи, ја добија вкупната серија со 4-3 и со тоа се пласираа во финалето на Истокот, каде што ќе ги одмерат силите со Мајами.
Тејтум беше најзаслужен за овој успех, постигнувајќи дури 51 поен, а имаше 13 скока и пет асистенции. Со тоа тој испиша историја во најсилната кошаркарска лига во светот, уфрлувајќи најмногу поени во седум натпревари од плејофот. Одлично го придружуваше Џејлен Браун (25 поени, шест скока, две асистенции), додека Малколм Брогдон постигна 12 коша.
Во таборот на Филаделфија, пак, најефикасен беше Тобијас Харис (19 поени, пет скока), Тајрис Макси додаде 17 (четири асистенции и три скока), скромно одигра годинашниот МВП на лигата, Џоел Ембиид, со 15 поени и осум скока, Пи Џеј Такер постигна 11 поени, а Џејмс Харден само девет коша, седум асистенции и шест скока.
На Западот, пак, како што е познато, во конференциското финале ќе се сретнат Денвер и Лос Анџелес лејкерс, што гледано заедно со Источното, всушност ќе биде исто како она во балонот во 2020 година. Денвер и Бостон ќе ја имаат предноста на домашен терен, а серијата започнува в среда, односно в четврток. Г.И.