Фото: Маја Јаневска-Илиева

Секако дека имаме добри шанси во овие квалификации против Грузија. Се надевам, ако бидеме здрави и секако комплетни, ќе бидеме и многу посилни и поблиску до успех, а тоа во моментов е најзначајно пред претстојните дуели, вели Војдан Стојановски, кој се враќа на теренот по паузата поради повредата на коленото. Македонија на 24 февруари гостува во Тбилиси, а три дена подоцна е мечот во Скопје

КОШАРКА – СЛЕДУВААТ ДВА ДУЕЛА СО ГРУЗИЈА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2023

Кошаркарската репрезентација на Македонија во февруарскиот дел од квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година во Јапонија, Филипини и во Индонезија ја очекуваат два дуела со Грузија, прво на гости на 24 февруари во Тбилиси (20 часот), а три дена подоцна во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (20 ч.).
– Секако дека имаме добри шанси во овие квалификации за Светското првенство против Грузија. Првиот натпревар се игра таму, знаеме дека ќе биде тешко. Потоа играме втор натпревар со нив во Скопје. Во секој случај два мошне значајни натпревара, кои ќе одлучуваат за понатамошниот пласман. Се надевам, ако бидеме здрави и секако комплетни, ќе бидеме и многу посилни и поблиску до успех, а тоа во моментов е најзначајно пред претстојните дуели – вели Војдан Стојановски, кој сезонава заздравуваше од повредата на коленото, но сега е подготвен за враќање на теренот, во дресот на МЗТ Скопје, за кој неодамна потпиша, по 11 години интернационални настапи за Доњецк, Алба Берлин, Андора, Реал Бетис, Бујукчекмече, Олденбург, По Ортез и Гравелин.
Ослабената македонска репрезентација во првиот квалификациски дел, во ноември лани, забележа два пораза, во Скопје од светскиот првак Шпанија (65-94) и на гости од Украина (61-78) и сега е четврта на табелата со два бода. Води Шпанија со две победи, потоа се Грузија и Украина, со по една победа и пораз. Во втората групна фаза од квалификациите за СП 2023 ќе се пласираат првите три селекции од секоја од осумте групи.