КОШАРКА

Кратко време по завршувањето на регуларниот дел на кошаркарската сезона, која кулминира со одигрувањето на финалниот турнир во лигата во возрасната категорија до 20 години, селекторот на машката младинска репрезентација на Македонија, Никола Велев, го определи и планот поврзан со подготовките на оваа репрезентација за обврските во текот на летото. А тоа е настапот на Европското првенство (ЕП) дивизијата Б за кошаркари до 20 години, од 10 до 19 јули во Братислава (Словачка). Во согласност со планираното, Велев денеска во 12 часот во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје ќе ги собере 18-те кандидати што ќе конкурираат за место во составот со 12 кошаркари. Планирано е да се одработат вкупно 23 тренинзи преку кои ќе се бара посакуваната форма за настапите во групата А, во која се и селекциите на Ирска, Шведска, Азербејџан и домаќинот на ЕП, Словачка, информира Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).

Состав: Никола Јаничиќ, Даниел Бутемер, Даријан Димовски, Лука Марјановиќ (сите играат во САД), Давид Петрушевски (Италија), Сергеј Младеновски, Матеј Митревски (Вардар), Димитар Зетов, Коста Ќириловски (Кожув), Андреј Стојановски, Амар Грбовиќ (Феникс 2010), Атанасиј Трајанов, Бојан Димитриев, Горазд Митев (Водно санс), Марко Луканоски (Маџари), Сергеј Петровиќ (Гостивар), Андреј Чадамов (Тиквеш) и Максим Трајковиќ (Работнички). Г.И.