КОШАРКА – НБА-ЛИГА
- Њујорк ја освои третата шампионска титула во НБА-лигата со 4-1 во победи над Сан Антонио
Кошаркарите на Њујорк ја освоија титулата со 4-1 во победи, правејќи пресврт од двоцифрен дефицит во сите четири победи и кревајќи го трофејот во НБА-лигата првпат од 1973 година, пишува „Би-би-си“.
Њујорк, кој ја надомести негативата од 29 поени во четвртиот натпревар и ја забележа најголемата победа со враќање во историјата на финалињата во НБА-лигата, заостануваше со 16 поени во втората четвртина и 10 поени во почетокот на четвртата во петтиот меч од серијата завчера. Џејлен Брансон, кој едногласно беше прогласен за најкорисен играч (МВП) во финалето, го диригираше нивното закрепнување со уфрлени 45 поени, вклучувајќи 15 во последната четвртина.
– Немам зборови. Тоа е сѐ за што сонував. Одушевен сум. Затоа дојдов во Њујорк. Секогаш кога некој ќе нѐ исфрлеше, наоѓавме начин да се вратиме и да направиме нешто во врска со тоа. Секојпат – изјави Брансон за ЕСПН, пренесе „Би-би-си“.
Резултатот на Брансон беше рекорд на клубот во финалињата, надминувајќи ги 38-те поени на Вилис Рид во 1970 година, и тој е само четвртиот кошаркар во историјата што постигнал најмалку 45 поени во натпреварот за освојување на титулата. Брансон исто така стана само вториот кошаркар во историјата на НБА-лигата што постигнал 45 поени на гостински терен во шампионски меч, придружувајќи му се на Мајкл Џордан, кој го стори тоа во финалето во 1998 година против Јута.
Тој постигна поен малку повеќе од една минута пред крајот на мечот за да го доведе Њујорк во водство со 90-88, а слободните фрлања на Џош Харт и на Ануноби го зголемија водството на четири поени. Виктор Бриџис и Харт, соиграчите на Брансон од Универзитетот Виланова, постигнаа вкупно 27 поени. Харпер имаше 25 поени од клупата за Сан Антонио, а Виктор Вембањама оствари 19 поени, 14 скока и пет блокади.
– Не бевме подготвени да освојам прстен, тоа е јасно. Не ни недостасува талент или способност, но правиме премногу грешки. Јас правам премногу грешки. Не сум задоволен што не победив. Како тим, нема подобро искуство од она што штотуку го доживеавме – рече Вембањама, дефанзивниот играч на годината во НБА, пренесе „Би-би-си“. Г.И.
Најтесна финална серија во претходните 30 години
Во 30 години за кои НБА-лигата има податоци од натпреварите за секој одигран потег, финалето годинава беше единствената финална серија во која секој натпревар беше во рамките на пет поени разлика во последните пет минути, пишува НБА-лигата. Тоа беше и само четвртата плејоф-серија во која првите пет натпревари беа на три поени разлика во последните две минути и првата серија во претходните 10 години каде што натпреварите од првиот до петтиот беа на три поени разлика во последните две минути од мечевите, пишува НБА. Н.М.
Осма сезона по ред НБА има различен првак
Кошаркарската НБА-лига осма сезона по ред има различен првак, што е најдолга таква низа во историјата на лигата, пишува НБА-лигата. Серијата ја почна Торонто, кој ја освои титулата во НБА-лигата во 2019 година, а потоа прваци станаа Лос Анџелес лејкерс (во 2020 година), Милвоки (2021 г.), Голден стејт (2022 г.), Денвер (2023 г.), Бостон (2024 г.), Оклахома (2025 г.) и Њујорк (2026 г.). Н.М.
ПРВАЦИ НА НБА-ЛИГАТА
Бостон 18
Лос Анџелес лејкерс 17
Голден стејт 7
Чикаго 6
Сан Антонио 5
Филаделфија 3
Детроит 3
Мајами 3
Њујорк 3
Хјустон 2
Милвоки 2
Оклахома 2
Балтимор 1
Сакраменто 1
Атланта 1
Портланд 1
Вашингтон 1
Далас 1
Кливленд 1
Торонто 1
Денвер 1


































