Фото: ЕПА

СП 2026

  • Девет фудбалери настапиле за победничките тимови во финалињата на Лигата на шампионите (порано Куп на шампионите) и на светско првенство во иста сезона, објави УЕФА, која за оваа листа ги смета само играчите што настапиле во соодветните финални дуели

Елитен клуб од девет фудбалери ги освоил европската клупска титула и трофејот на светско првенство (СП) за репрезентации во иста сезона, а годинава има 12 кандидати за приклучување на таа необична трофејна листа, објави Европската фудбалска унија (УЕФА).

Шестмина оваа двојна круна ја освоија заедно. Сеп Маер, Паул Брајтнер, Ханс-Георг Шварценбек, Франц Бекенбауер, Герд Милер и Ули Хенес го инспирираа Баерн за првата клупска титула во Европа, во мај 1974 година, пред да бидат дел од репрезентацијата на Западна Германија, која ја победи Холандија во решавачкиот натпревар на Светското првенство во Минхен, седум недели подоцна. Тие се вратија по негатива во двете финалиња, пишува УЕФА. Другите тројца играчи го постигнаа овој подвиг откако ја освоија Лигата на шампионите (ЛШ) со Реал Мадрид, и тоа Кристијан Карембе (Франција) во 1998 година, Роберто Карлос (Бразил) во 2002 година и Рафаел Варан (Франција) во 2018 година.

Кој може да освои двојна круна од Лигата на шампионите и Светското првенство летово? Дванаесет играчи што настапија во победата на Пари сен Жермен во финалето на Лигата на шампионите против Арсенал неодамна би можеле да ги комплетираат трофеите на Светското првенство што се игра во САД, Мексико и во Канада. Тоа се Маркињос (Бразил), Вилијан Пачо (Еквадор), Бредли Баркола, Дезире Дуе, Усман Дембеле, Ворен Заир-Емери (Франција), Ашраф Хакими (Мароко), Гонсало Рамос, Жоао Невес, Нуно Мендес, Витиња (Португалија) и Фабијан Руиз (Шпанија), пишува УЕФА, која за оваа листа ги смета играчите што настапиле во соодветните победнички финални дуели.

Десет играчи, пак, ги освоиле европските титули со клуб и со репрезентација во иста година. Луис Суарез беше првиот во 1964 година, помагајќи му на Интер да ја освои својата прва континентална круна пред да го инспирира шпански тим до својата прва голема титула.

Ханс ван Бреукелен, Роналд Куман, Бери ван Ерле и Џералд Ваненбург беа следни што го постигнаа овој подвиг. Квартетот одигра клучна улога во победата на ПСВ Ајндховен на дуелот со Бенфика по изведување пенали во финалето на тогашниот Куп на европските шампиони, во 1988 година во Штутгарт, а точно еден месец подоцна, одново во Западна Германија, ја освои првата голема титула за холандската репрезентација.

Фернандо Торес и Хуан Мата го комплетираа незаборавното лето во 2012 година, кога по трофејот во Лигата на шампионите со Челси, постигнаа голови во финалето на Европското првенство (ЕП) таа година.

Кристијано Роналдо и Пепе одиграа клучни улоги за Реал Мадрид и за Португалија четири години подоцна. Жоржињо е единствениот што освоил ваква двојна круна во непарна година, откако Европското првенство 2020 беше одложено за 12 месеци поради пандемијата на ковид-19. Листата е комплетирана од двојката на Реал Мадрид, Дани Карвахал и Начо, кои по победата со 1-0 против Ливерпул во финалето на Лигата на шампионите во 2024 година, освоија трофеј со Шпанија тоа лето на Европското првенство, пишува Европската фудбалска унија. Н.М.


ДВОЈНА КРУНА, ЛШ/СП

1974 г. Сеп Маер, Паул Брајтнер, Ханс-Георг Шварценбек, Франц Бекенбауер, Герд Милер, Ули Хенес (Баерн и Западна Германија)
1998 г. Кристијан Карембе (Реал Мадрид и Франција)
2002 г. Роберто Карлос (Реал Мадрид и Бразил)
2018 г. Рафаел Варан (Реал Мадрид и Франција)

ДВОЈНА КРУНА, ЛШ/ЕП

1964 г. Луис Суарез (Интер и Шпанија)
1988 г. Ханс ван Бреукелен, Роналд Куман, Бери ван Ерле, Џералд Ваненбург (ПСВ Ајндховен и Холандија)
2012 г. Фернандо Торес, Хуан Мата (Челси и Шпанија)
2016 г. Кристијано Роналдо, Пепе (Реал Мадрид и Португалија)
2021 г. Жоржињо (Челси и Италија)
2024 г. Дани Карвахал, Начо (Реал Мадрид и Шпанија)


СП 2026, ПРВО КОЛО

Група А
Мексико – Ј. Африка 2-0
Ј. Кореја – Чешка 2-1

Група Б
Канада – БиХ 1-1
Катар – Швајцарија 1-1

Група Ц
Бразил – Мароко 1-1
Хаити – Шкотска 0-1

Група Д
САД – Парагвај 4-1
Австралија – Турција 2-0

Група Е
Германија – Курасао синоќа
Брегот на СК – Еквадор 1 ч.

Група Ф
Холандија – Јапонија синоќа
Шведска – Тунис 4 ч.

Група Г
Белгија – Египет 21 ч.
Иран – Нов Зеланд утре, 3 ч.

Група Х
Шпанија – Зелено`ртски О. 18 ч.
С. Арабија – Уругвај утре, 0 ч.

Група И
Франција – Сенегал утре, 21 ч.
Ирак – Норвешка среда, 0 ч.

Група Ј
Аргентина – Алжир среда, 3 ч.
Австрија – Јордан среда, 6 ч.

Група К
Португалија – ДР Конго среда, 19 ч.
Узбекистан – Колумбија четврток, 4 ч.

Група Л
Англија – Хрватска среда, 22 ч.
Гана – Панама четврток, 1 ч.