Вистинска драма се случуваше на мечот помеѓу светскиот првак Шпанија и Литванија, кој по продолжението го добија Шпанците, а олимпискиот вицешампион Франција ја победи Турција, по речиси загубен натпревар

КОШАРКА – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, ОСМИНАФИНАЛЕ

Неизвесни натпревари, инфаркт-завршници, две продолженија, технички грешки во последни секунди, но и без изненадувања, откако и светскиот првак Шпанија се пласира понатаму ги обележаа првите четири осминафинални дуели на 41. Европско првенство (ЕП) во кошарка за мажи, кое по групната фаза во Тбилиси (Грузија), Келн (Германија), Милано (Италија) и во Прага (Чешка), завршницата ја игра во германскиот град Берлин (капацитет на арената 10.500 гледачи). Франција, Словенија, Германија , Шпанија и Полска се првите четвртфиналисти, а другите три требаше да бидат познати по одигрувањето на вчерашните дуели.
Олимпискиот вицешампион Франција ја победи Турција во осминафиналето, по речиси загубен натпревар, откако на 12 секунди до крајот губеа со 75-77, а Турција имаше две слободни фрлања и топка. Сепак, слободните фрлања ги промашија, а топката ја загубија, по што Франција израмни и го доби продолжението, одново, драматично со 87-86 пред 9.411 гледачи.
Вистинска драма се случуваше и на натпреварот помеѓу светскиот првак Шпанија и Литванија пред 12.938 гледачи. Шпанија победи по продолжението, благодарејќи на натурализираниот Американец Лоренцо Браун (28 поени), со 102-94, но по катастрофалните грешки на Литванците во финишот, откако претходно успеаја да изборат продолжение со кош во последната секунда.

Црна Гора и Белгија иако покажаа „заби“ против Германија, односно против Словенија, предводена од феноменалниот Лука Дончиќ (35 коша), сепак немаа сили за изненадување. Црна Гора загуби со 79-85 (12.938 гледачи), а Белгија со 72-88 (9.774 гледачи).
По овие дуели, Германија за пласман во полуфиналето ќе игра со подобриот од вчерашниот дуел Грција – Чешка, Шпанија со победникот од мечот Финска – Хрватска (и двата дуела се утре), а Словенија ќе се сретне со Полска и Франција со славеникот на средбата Србија – Италија, (тие два меча се на програмата в среда).
Во однос на претходното ЕП, во 2017 година, засега пласманот го подобрија Израел, кој беше 21., а сега е 17., Грузија, која беше 21., сега е 17., како и Полска, која беше 18-та, Белгија 19-та и Чешка 20-та, исто така, годинава ќе имаат подобар пласман по завршувањето на ЕП 2022. Назадуваше Велика Британија, која сега е последна, 24-та, а беше на 22-то место. Г.И.


ОСМИНАФИНАЛЕ

1. Турција – Франција 86-87
2. Словенија – Белгија 88-72
3. Германија – Црна Гора 85-79
4. Шпанија – Литванија 102-94
5. Украина – Полска 86-94
6. Финска – Хрватска вчера
7. Србија – Италија вчера
8. Грција – Чешка вчера

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Германија – Победник 8 утре
Шпанија – Победник 6 утре
Франција – Победник 7 среда
Словенија – Полска среда