Македонските надежи ја совладаа Данска со 83-64 и со тоа ја продолжија трката за пласман од деветтото до 12. место

КОШАРКА – ЕП ЗА КАДЕТИ, ДИВИЗИЈА А

Машката кошаркарска репрезентација на Македонија забележа значајна победа над Данска со 83-64 во првиот натпревар во борбата за пласман на Европското првенство (ЕП) во Скопје за играчи до 16 години (дивизија А), во конкуренција на 16 селекции. Во СРЦ „Кале“, најпрецизен во македонските редови беше Никола Јаничиќ со 20 поени, Димитар Зетов уфрли 15, а Марко Луканоски впиша 10 коша и 14 скока.
Со овој триумф во првиот меч во борбата за што подобро место, Македонија продолжува да се бори за пласман од деветтото до 12. место. Победата над Данска, засега беше и најдобар натпревар на македонските кадети на ова ЕП, а истовремено црвено-жолтите обезбедија и опстанок во елитното друштво што беше и главна цел пред почетокот на шампионатот во оваа мошне силна конкуренција.
Во четвртфиналните дуели, Франција ја победи Италија со 84-77, Словенија загуби од Шпанија со 68-87, Литванија беше подобра од Турција со 79-68, а Израел беше поразен од Грција со 67-75. Во вчерашниот слободен ден во полуфиналето ќе играат Литванија – Грција и Франција – Шпанија.
Натпревари за пласман од петтото до осмото место: Турција – Израел и Италија – Словенија. За пласман од деветтото до 12. место: Македонија – Летонија и Црна Гора – Полска. За пласман од 13 до 16. место: Данска – Србија и Хрватска – Холандија. Последнопласираните две екипи се селат во дивизијата Б. Г.И.